Ваква е реакцијата на опозицискиот СДСМ по изјава на Клековски во која ги нарече „слободни јавачи на епидемијата“ сите доктори кои не се епидемиолози и инфектолози, а кои активно ја коментираат состојбата во Гостивар
Наместо да објасни зошто институциите молчеле додека граѓаните на Гостивар пиеле загадена вода и да каже зошто епидемијата е прогласена со задоцнување, министерот за здравство Сашо Клековски ги нападна лекарите и професорите нарекувајќи ги „јавачи на епидемијата“ кои собираат лајкови на социјалните мрежи.

Ваква е реакцијата на СДСМ по изјава на Клековски во која ги нарече „слободни јавачи на епидемијата“ сите доктори кои не се епидемиолози и инфектолози, а кои активно ја коментираат состојбата во Гостивар.
„Владата на ВМРО-ОКГ повторно ја примени класичната техника – кога нема одговори и кога треба да се сноси одговорност, се отвора фронт против оние кои зборуваат вистина. Ова е срамна и опасна практика. Експерти, не ‘јаваат’ на епидемијата, тие предупредуваат, бараат јасни информации и укажуваат на пропустите. Нивна должност како лекари и научници е да зборуваат кога институциите молчат или манипулираат“,
велат од СДСМ обвинувајќи дека власта се обидува да го префрли фокусот од вистинскиот проблем.
Граѓаните на Гостивар не се разболеа затоа што некој доктор или професор коментирал на социјалните мрежи, велат од СДСМ, туку затоа што институциите не реагирале навреме.
Опозиционерите бараат одговорност и оставки за случајот во Гостивар и прекин на нападите врз експерти.
