За реализација на новите мерки за спречување на ширењето на ковид-19 предложени од Комисијата за заразни болести, потребно е претходно да се направат измени во Законот за заштита на населението од заразни болести.
На денешната владина седница биле разгледани сите препораки што Комисијата ги достави до Владата, но тие во моментов не може да се реализираат.
„Владата донесе заклучок дека за нивна реализација е неопходно да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести со што ќе се обезбеди можност со подзаконски акти Владата да ги уреди предложените мерки со цел спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел заштита на населението од заразни болести“,
информира владината прес-служба.
Комисијата за заразни болести предложи задолжително носење заштитни маски или заштитна опрема, секаде при престој на отворено, на затворено во јавни објекти, на работно место и во јавен и приватен транспорт. Во оваа мерка има неколку исклучоци и тоа за спортување на отворен простор и на затворено со почитување на протоколите за заштита, при транспорт со приватно моторно возило ако сите лица во возилото се од едно семејство или живеат во заедничко домаќинство. Исклучок има и за во угостителските објекти со почитување на протоколите за дистанца и дезинфекција, при престој во службена просторија, канцеларија ако лицето е само во просторијата, како и за децата до 6 години, односно за деца од претшколска возраст.
Комисијата предложи и забрана за групирање во домови на семејни прослави, слави и други собири во групи, при што се предлага на семеен настан во едно живеалиште, стан или куќа да може да се примат најмногу четири луѓе. Предложено е да се забрани и групирање на повеќе од четири лица на јавен простор после 22 часот односно да се забрани групирање по паркови, јавни површини или било каде на отворено.