Изборите за градоначалник во Пласница се успешни, со оглед на тоа што една третина од гласачкото тело излегло на гласање. До 17 часот на избрирачките места гласале 38,11% од електоратот (1 888 од 4 954 регистрирани гласачи).
Во Штип, пак, до 17 часот гласале 11 701 граѓанин или 28,01 проценти од вкупниот број на избирачи. Во Штип за да се исполни цензусот недостасуваат уште 2 295 гласови, со што изборите за градоначалник ќе може да се прогласат за успешни. Во случај да се исполни законскиот услов за минимална излезност, победник е кандидатот што освоил мнозинство гласови од оние што излегле денеска на избори. По пребројувањето на гласовите ќе се знае дали штипјани уште во првиот круг избрале градоначалник или ќе има втор круг, кој би се одржал на 27 декември.
Според претседателката на Општинската изборна комисија, Сенка Андреева, на избирачкиот список се запишани 41 777 граѓани со право на глас, кои можат да гласат до 19 часот, кога се затвораат 77 избирачки места.
„Доколку нема една третина излезност, тогаш се прекинуваат изборите и се оди од почеток, се распишуваат нови избори“,
вели Андреева.
Според членовите на избирачките одбори, изборите за градоначалник во Штип се спроведуваат во фер и демократска атмосфера. Штипјани можат да го дадт својот глас за еден од петтемина кандидати за градоначалник, кој би имал мандат од девет месеци се до редовните локални избори во 2021 година.