Потребна е редарска служба што ќе се грижи за безбедноста при влез и излез за време на престојот на патници во бродот, како и редовно информирање преку разглас на патниците за неопходноста од придржување до препораките за носење на заштитна маска и држење на растојание за време на пловидбата.
Ова е едно од прашањата што вчера се разгледува на средбата меѓу СВР-Охрид со сопственици и капетани на бродови.
„На бродарите им беа презентирани протоколите за работа во делот за работа на угостителска дејност, со посебен акцент за гласна музика и им беше укажано за неопходната примена на мерките за безбедна пловидба и на другите одредби од Законот за внатрешна пловидба. Претставниците на СВР Охрид и на другите надлежни институции најавија континуирани контроли на сите пловни објекти кои се прикотвени или пловат по Охридското Езеро“,
вели портпаролот на СВР-Охрид Стефан Димоски.
На средбата присуствувале и претставници на Полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“- Регионален центар Запад, претставници на Капетанија на пристаништа-Охрид и на Државниот пазарен инспекторат.
На сопствениците и капетаните на бродови посебно им била укажана неопходноста од строго придржување до забраната за групирање на лица, носење на заштитни средства и користење на дезинфекциони средства во пловните објекти кои се прикотвени на пристаништето или се во движење во водите на Охридското Езеро.