На прашана како изгледаат притисоците врз судството, таа вели дека секогаш е присутна заканата да може да се разрешуваат судиите на Врховниот суд и за таа цел да се користат дури и лажни вести
Во однос на контроверзните измени во Кривичниот законик, таа вели дека она што создава револт кај неа – како граѓанин, како судија и како претседател на Врховниот суд, е што „другите власти постојано го вперуваат пресот во судството“ дека измените на КЗ се донесени поради одолговлекувањето на судските постапки. Кога станува збор за самото носење на измените на КЗ, Адеми вели дека во целата постапка Врховниот суд бил прескокнат
Вмешувањето на политиката во судството во нашата држава е присутна појава и тоа е веќе нотирано како проблем кој ја нарушува неговата независност, вели претседателката на Врховниот суд Беса Адеми во интервју за порталот СДК.мк (Сакам да кажам).

Ваквиот став Адеми го посочува говорејќи во контекст на прашањето за иницијативата за донесување на начелно правно мислење и начелен став за аболициите дадени од поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов, кој во јавноста беа протолкувани како обид за нивно оживување, со цел од кривичен прогон да се спасат обвинетите во случаите отворени од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), меѓу кои и експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Според претседателката на Врховен, постојат ситуации на обиди за директно мешање на политиката и на другите власти поради, како што вели, реализација на агенди кои не се во корелација на владеењето на правото и на надлежностите на судската власт.
„Но, ние како Врховен суд и како највисок суд во државата не дозволуваме и не смееме да дозволиме преку таквите обиди да се наруши независноста на судството и со тоа да падне неговиот углед, односно угледот и авторитетот на Врховниот суд. Не смееме да дозволиме политичките интереси да се кршат на грбот на судството. Затоа сметам дека е важен личниот интегритет и судската култура што ја градел низ годините секој од нас како судија, важна е солидарноста меѓу судиите, бидејќи тоа испраќа порака и до оние што вршат притисоци, но и до јавноста дека судството ќе опстои на своите темелни вредности“,
вели Адеми во интервјуто.
Прашана како изгледаат тие притисоци, таа вели дека секогаш е присутна заканата да може да се разрешуваат судиите на Врховниот суд.
„Политиката секогаш има потенцијал да користи влијанија на различни начини. Реално, секогаш е присутна заканата дека може да се разрешуваат судиите на Врховниот суд и во овој правец да се користат дури и лажни вести. И затоа Судскиот совет треба да биде заштитник на судството“,
вели претседателката на највисокиот суд во државата.
Во однос на аболициите на Иванов и дали со повлекувањето на иницијативата од адвокатот Миле Наумовски оваа тема тема е затворена бидејќи, како што наведува новинарката во прашањето, постојат шпекулации дека ќе биде поднесена нова, а има и барање за преиспитување на пресудата за случајот „Плацеви на Водно“, Адеми дава објаснување за постапувањето на судот.
Таа во одговорот потврдува дека во петокот минатата недела (27 октомври) во судот бил доставен поднесок во Врховниот суд дека адвокатот Миле Наумовски ја повлекува иницијативата.
„Истиот се достави до судија известител. Постапката сега после доставувањето на поднесокот е судијата известител да изготви краток материјал дека Иницијативата е повлечена и тоа мора да помине преку Општата седница на Врховниот суд. Општата седница треба да донесе заклучок дека предметната иницијатива за донесување начелно правно мислење и начелен став се смета за повлечена. Имено, би сакала да појаснам дека иницијативите за утврдување на начелно правно мислење и начелен став се поднесуваат за воедначување на судската практика, што е не само законска, туку и уставна надлежност на Врховниот суд. Врховниот суд се впушта во разгледување на правните прашања содржани во Иницијативите само во случај ако постојат различни судски одлуки од страна на Врховниот суд или пониските судови. Колку што јас сум запознаена како претседател на Врховниот суд и колку што јавноста е информирана за пресудите од висок јавен интерес, во моментот за сите овие прашања коишто беа опфатени со повлечената иницијатива, меѓу кои и за аболицијата, немаме различна судска практика. Дадени се одговори, како од пониските судови, така и од Советот за казниви дела при Врховниот суд. Последната одлука за аболицијата е за предметот „Транспортер“, за која јавноста е веќе известена“,
вели Адеми во нејзиното објаснување.
Како долгогодишен судија и како претседател, Адеми додава дека од свое име може да каже дека во оваа ситуација и со повлечената иницијатива не би имале услови да расправаат на општата седница.
„Јас сум сигурна дека судиите на Врховниот суд во било која ситуација и за вакви сензитивни прашања ќе ги имаат предвид Уставот, законот и меѓународно-ратификуваните договори. Всушност, гарантирам дека овој состав на судии не им е вазал на ниту една од политичките партии, туку му служи на законот и на етичките начела“,
децидна е Адеми во интервјуто.
За средбата неодамнешната средба со американската амбасадорка Агелер, претседателката на Врховен вели дека амбасадорката и САД се големи пријатели на судството и нејзиното доаѓање било во таа насока.
„Помеѓу сите прашања што се разговараа беа вклучително и теми од јавен интерес. Амбасадорката имаше средба со мене, со заменик-претседателот и со сите судии на Врховниот суд да укаже и да даде поддршка дека врховните судии мора доследно да го применуваат Уставот и законот и дека не смееме да отстапиме од тие вредности. Овие вредности и принципи мора да се почитуваат и при утврдувањето на начелните ставови и правни мислења од страна на Општата седница, вклучително и за иницијативата која предизвика интерес во јавноста“,
одговара Адеми во интервјуто.
Во однос на контроверзните измени во Кривичниот законик, таа вели дека она што создава револт кај неа – како граѓанин, како судија и како претседател на Врховниот суд, е што „другите власти постојано го вперуваат пресот во судството“ дека измените на КЗ се донесени поради одолговлекувањето на судските постапки.
„Јас не се согласувам со тоа. Можеби има одредени ситуации дека се одолговлекувани одредени постапки за кое секој судија ќе мора да си одговара во согласност со законот. Јас постојано со претседателите на четирите Апелациски судови имав работни средби, на кои апелирав и укажував на предметите кои се од висок јавен интерес да им се даде висок приоритет и ажурно да се постапува под опасност дека истите може да застарат. Би сакала да потенцирам дека Врховниот суд е ажурен и ефикасен суд и во таа смисла предметите ги решава во разумен рок. Донесов внатрешни процедури за одделот за казниви дела и со тие процедури се забрзаа постапките кои се од јавен интерес. Беше присутен проблемот со задоцнето доставување на мислењата за конкретни предмети од Републичкото јавно обвинителство, но благодарение на внатрешните процедури и ургенции сега многу побргу тие предмети се враќаат од Обвинителството и врховните судии во експедитивен рок одлучуваат на најефикасен начин“,
вели Адеми.
Кога станува збор за самото носење на измените на КЗ, Адеми вели дека во целата постапка Врховниот суд бил прескокнат.
„Министерството за правда согласно Законот за судови има законска обврска за закони кои се однесуваат на статусни прашања за судството, да се обрати до Општата седница на Врховниот суд која треба да расправа и даде мислење и забелешки за нив. За жал, кога се носеа измените на Кривичниот законик, Врховниот суд беше прескокнат“,
вели претседателката на Врховниот суд.
Интервјуто на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми за СДК.мк може да го прочитате на овој ЛИНК.