Трамп и Бајден се судрија околу пандемијата во САД и расните проблеми во земјата, а разменија и меѓусебни обвинувања за корупција
За разлика од првата дебата, кога кандидатите меѓусебно си упаѓаа во збор и разменија жестоки лични обвинувања, овојпат таа мина во помирен тон
На дванаесет дена пред изборите, во Нешвил, Тенеси се одржа последната дебата на двајцата претседателски кандидати – актуелниот претседател и кандидат на републиканците Доналд Трамп и демократскиот кандидат Џо Бајден.
За да се избегне хаосот на првата дебата одржана на крајот на септември, кога честопати беше невозможно да се слушне што зборуваат кандидатите, овој пат микрофонот на противкандидатот беше исклучен за да може другиот да зборува по две минути на секоја нова тема.

Сепак, по последното соочување може да се заклучи дека тонот на Трамп овојпат беше повоздржан отколку во првата дебата, кога тој постојано прекинуваше соговорникот и кога двајцата кандидати разменуваа бројни лични навреди во една хаотична атмосфера која модераторот не можеше да ја контролира.
Бајден ги повтори своите критики за начинот на кој Трамп се справува со пандемијата, додека Трамп продолжи со обвинувањата против Бајден и неговото семејство.
Бајден го обвини Трамп дека е одговорен за големиот број жртви од ковид-19 – 8,4 милиони заразени и 223 000 починати.
„Некој одговорен за толку многу смртни случаи не треба да остане претседател на Соединетите држави. Ја ставам крај на тоа”,
рече Бајден.
Трамп, пак, го бранеше своето менаџирање со кризата, тврдејќи дека најлошото помина., притоа обвинувајќи ја Кина за вирусот.
„Имаме вакцина која наскоро ќе биде подгптвена и во следните недели ќе биде дистрибуирана“,
рече Трамп, на што Бајден побара од него да преземе одговорност за ситуацијата.
„Ја преземам целосната одговорност. Јас не сум виновен што тој дојде овде, тоа е вина на Кина”,
рече Трамп.
Бајден го праша Трамп за даноците: Што криеш?
По првата серија прашања во врска со коронавирусот, кандидатите започнаа размена на обвинувања за нелегални врски со странски земји.
Трамп ги повтори обвинувањата дека Бајден и неговиот син Хантер имаат бизниси со Кина и Украина.

„Џо, мислам дека им должиш објаснување на Американците“,
му се обрати Трамп на Бајден, продолжувајќи со личните напади кон него, кои последните денови кулминираа во навреди каде семејството Бајден го нарече „злосторничка компанија“.
Бајден на нападите на сметка на својот син одговори дека тој никогаш не зел пари од ниту една странска влада, дека неговиот син не го плаќа Кина и дека никој од нив не сторил ништо лошо во врска со Украина, и притоа го обвини Трамп дека соработува со Кина, повикувајќи се Њујорк Тајмс.
„Дознавме дека овој претседател платил 50 пати повеќе даноци во Кина, има тајна банкарска сметка во Кина, а говори дека јас земам пари од таму. Не сум зел ниту пени од ниту една земја. Единствениот кој заработил пари во Кина е тој. Јас немам деловни врски со Кина, не соработувам со Украина, немам деловни активности со Русија“,
рече Бајден.
Потоа го потсети Трамп и дека никогаш не ги објавил даночните пријави.
„Што криеш?“,
го праша Бајден Трамп, потсетувајќи го на тврдењата дека американскиот претседател со години не плаќал данок или дека плаќал занемарлива сума и покрај тоа што поседува мултимилионски бизниси.
Трамп постојано повторуваше дека не само што платил данок, туку дека платил и повеќе од што требало.
Во однос на мешањето на странски земји во американските избори, Бајден ги спомена Руија, Кина и Иран.
„Секоја земја што ќе се меша, ќе плати за тоа“,
рече тој.
Високи американски разузнавачки служби ги обвинија Русија и Иран дека се обидуваат да се мешаат во претседателските избори во 2020 година, што Москва и Техеран категорично ги отфрлија.
Кој е поголем расист
Прилично жестока беше и размената на ставови за расни прашања, при што Бајден му порача на Трамп „дека додава масло на секој расен оган“.
„Јас сум најмалку расист од сите овде“,
рече Трамп.
На ова, Бајден му возврати, дека не само што е расист туку дека е меѓу оние американски претседатели кои биле најголемите расисти во модерната историја.

Трамп тогаш го обвини Бајден дека ги поддржува законите што доведоа до поголема стапка на притвори, особено за Афроамериканците.
Бајден притоа призна дека не бил во право кога поддржувал вакви закони во минатото и рече дека ќе се залага за укинување на затворските казни за ситни злосторства и ќе се концентрира на рехабилитација на овие лица.
Противкандидатите се судрија и околу здравствената заштита, прашање кое особено ги загрижува американските гласачи, при што Трамп како свое достигнување го истакна укинувањето на клучните одредби од здравствената реформа што беа донесени во времето на претседателот Барак Обама (Обамакеар).
Си-ен-ен анкета: Бајден го доби последниот вербален дуел
Податоците од анкетата спроведена од телевизијата Си-ен-ен, покажува дека педесет и три проценти од испитаните го сметаат Бајден за победник во синоќешниот вербален дуел со Трамп. Но, според 39 проценти, борбата ја добил актуелниот претседател Трамп.
Телевизиската дебата во Нешвил беше последна пред изборите на 3 ноември. Американците ќе изберат претседател, потпретседател, целиот Претставнички дом – 435 лица, и третина од Сенатот, како и гувернери на 13 држави и територии.
Таа траеше 90 минути и беше модерирана од Кристен Велкер, репортер на ТВ мрежата Ен-би-си. Иако Трамп прво имаше забелеѓки што токму таа ќе ја води дебатата, обвинувајќи ја дека е пристрасна, на крајот тој сепак ја пофали за одлично завршената работа.
Дебата во живо ја следеа околу 200 присутни на кои пред влегувањето им беше мерена температура и мораа за цело време да носат маски.
Иако првично беше предвидено двајцата кандидати да бидат одделени со плексиглас, сепак преградата беше отстранета откако и Трамп и Бајден потврдија дека биле тестирани за коронавирус и биле негативни.
*Поврзана вест
Анкета: За Бајден би гласале 55, за Трамп 43 отсто од гласачите
Рекордна излезност на предвременото гласање во САД – според експертите причина е пандемијата