Кампањата за локалните избори на 17 октомври започнува на 27 септември, а завршува на 15 октомври на полноќ
Денеска е последниот рок до кога учесниците на локалните избори, политички партии и независни кандидати можат да ги поднесат своите кандидатури за локалните избори на 17 октомври.
Кандидатурите се поднесуваат до Општинските изборни комисии (ОИК) до денеска на полноќ.
Општинските изборни комисии ќе ги разгледуваат канндидатурите и доколку ги исполуваат условите ги прифаќаат или им даваат соодветен рок на подносителите да ги исправат недоследностите. Откако ќе бидат прифатени, најдоцна до 18 септември, ОИК ги доставува листите до ДИК за да биде извршено жребување за нивен редослед (најдоцна до 23 септември).
Кандидатите за градоначалник и листите за советници на една партија или коалиција добиваат ист реден број во сите општини. Потоа листите ќе бидат објавени на веб-страницата на ДИК и огласени од Избирачките одбори.
Овластените претставници на сите политички партии, односно подносителите на листи за локалните избори, најдоцна до 23 септември на централно ниво ќе потпишат Кодекс за фер и демократски избори, што го организираат Државната изборна комисија во соработка со Националниот демократски институт.
Кодексот го регулира и говорот на омраза
Кодексот за фер и деморатски избори не е нешто ново, но годинава ново е тоа што во текстот на кодексот ќе се додаде дека се обврзуваат сите учесници кандидати да се воздржат од користење и на говор на омраза и било каква дискриминација по кој било основ посебно на пол и род.
„Сметаме дека со овој кодекс, ние како ДИК покрај законската обврска повикуваме, апелираме на овој начин покрај дневната политика што е неизбежна во секоја изборна кампања, сепак основните вредности на демократијата, владеење на правото од фер и демократското и коректно однесување на сите учесници во изборниот процес, бидејќи и самите учесници покрај организацијата на изборите од наша страна, изборните органи, даваат свој белег на сликата за изборите со начинот на нивното однесување и типот на водење на нивната кампања“,
вели Борис Кондарко, ччлен на ДИК.
На 9 септември на полноќ заврши увидот во Избирачкиот список за локалните избори. ДИК соопшти дека вкупно 14 921 лица извршиле увид во Избирачкиот список до завршување на рокот.
„Во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија, вкупно 14.921 лица се провериле во избирачкиот список, поднесени се вкупно 281 барања за запишување во избирачкиот список, 99 барање за бришење на податоците од избирачкиот список и 74 барања за измена на податоците во избирачкиот список“,
соопштија од ДИК.
До Комисијата, исто така, на е-маил адресата [email protected] се поднесени вкупно 114 барања.
Политичките партии поради деновите на жалост по пожарот во тетовската ковид-болница каде загинаа 14 лица до утре ги одложија јавните активности поврзани со локалните избори.
Некои од нив ги искористија овие денови за да ги промовираат преостатнатите кандидати.
Кампањата за локалните избори на 17 октомври започнува на 27 септември, а завршува на 15 октомври на полноќ.