Поштенските пратки со Албанија, Грција, Косово, Романија, Бугарија и Турција ќе се разменуваат по сувоземен односно површински пат, додека со Србија нема размена на пошта поради затворањето на границите, соопштија од АД „Пошта на Северна Македонија“-Скопје.
Размената на меѓународната пошта по авионски пат и натаму е привремено прекината поради затворените аеродроми.
„Имајќи ја предвид ситуацијата со корона вирусот како во Македонија така и на глобално ниво, ве известуваме дека сѐ уште е отежната размената на меѓународна пошта по авионски пат. Од тие причини има привремен прекин во прием на пратки од меѓународен сообраќај за сите држави, за кои, отпрема на пратки се врши по авионски пат“,
објавено е на веб-страницата на „Пошта на РСМ“.
Според податоците на Светскиот поштенски сојуз (СПС), специјализираната Агенција на ОН за поштенски прашања, мерките преземени за спречување на ширењето на ковид-19 доведоа до распространето нарушување на меѓународните поштенски услуги.
СПС кој во реално време ја следи меѓународната поштенска размена забележа пад на тонажа од 10 проценти и пад од 15 проценти на бројот на поштенски пратки од претходната година во периодот од 23 јануари до 23 март 2020 година. Периодот го опфаќа првиот бран мерки преземени од страна на владите против ковид-19, започнувајќи со затворањето на аеродромот во Вухан на 23 јануари.