Палестинското Министерство за надворешни работи соопшти дека најостро „го осудува нападот“ врз џамијата Ал Акса од страна на екстремистичкиот министер Бен-Гвир и го смета за невидена провокација и опасна ескалација на конфликтот
Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, кој доаѓа од крајната десница, денеска го посети комплексот во кој се наоѓа џамијата „Ал Акса“ во Ерусалим, потег што Палестинците го осудија како провокативен и и покрај предупредувањата дека такво нешто може да доведе до насилство, јавуваат агенциите.
Интернет-порталот „Инет“ објави фотографии од Бен-Гвир како ја обиколува локацијата со силно обезбедување. Комплексот е третото најсвето место за муслиманите по Мека и Медина и најсвето за Евреите, каде што според верувањето се наоѓаат остатоци од нивните два антички храма, односно храмот на Соломон.
Лидерот на израелската опозиција и поранешен премиер Јаир Лапид предупреди дека таквата посета на Бен-Гвир може да предизвика насилство, пренесува Ројтерс.
Палестинското Министерство за надворешни работи соопшти дека најостро „го осудува нападот“ врз џамијата Ал Акса од страна на екстремистичкиот министер Бен-Гвир и го смета за невидена провокација и опасна ескалација на конфликтот.
Соседот на Израел, Јордан, денеска објави дека остро ја осудува посетата на израелскиот екстремно десничарски министер Бен-Гвир на комплексот „Ал Акса“ во Ерусалим.
„Јордан силно ја осудува инвазијата на џамијата ‘Ал Акса’ и кршењето на нејзината светост“,
се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Јордан.
Бен-Гвир положи заклетва минатата недела како дел од новата влада предводена од Бенјамин Нетанјаху, која вклучува екстремнодесничарски и верски партии.