Без имот на свое име се пратеничките Арбана Пашоли и Арта Билали Зендели
Дел од нив немаат ниту банкарски сметки, а други имаат високи штедни влогови, некои немаат сопствена куќа или стан, а други поседуваат и цели згради. Вака изгледа имотната состојба на дел од пратениците од ДУИ и на единствениот пратеник од ДПА, Мендух Тачи, што ја објавува порталот portalb.mk.
Анкетниот лист на пратеникот Исмаил Јахоски е еден од подолгите, но во него не сите пријавени недвижности се посочени со вредност. Така, Јахоски, кој во пет мандати беше градоначалник на Пласница, а е сопственик на нафтената компанија „Пуцко петрол“ која последниве години се најде на листата на компании кои добија најмногу државни и општински тендери, поседува два деловни простори, едниот во Македонски Брод од 55 м2 без наведен износ, другиот во Кичево од 362 м2 со вредност од 94 000 евра. Како личен имот пријавена е зграда со двор во Македонски брод од 940 м2 и згради (во останато стопанство) во Кичево од 329 м2 – без наведен износ на вредноста, две куќи, едната во Скопје од 189 м2, другата во Македонски брод од 376 м2 но и стан од 69 м2 во Скопје. Пријавени се три парцели земјиште во Скопје и во Македонски брод без да се наведе проценетата вредност. Јахоски пријавил и петнаесеттина побарувања по основ на даден заем во милионски денарски износи, некои од нив поединечно достигнуваат и до 160 000 евра како и пет поединечни закупнини кои на месечно ниво достигнуваат и до 4 500 евра. Пратеникот пријавил и три банкарски сметки со околу 3 000 000 денари и уште два заеми 4 100 000 денари. Целиот имот е пријавен како личен.
Арбен Зибери поседува девизни сметки и недвижен имот: стан од 80м2 во Скопје со проценета вредност од 70 000 евра, девизна сметка со 24 000 евра, денарска со 1 200 000 денари како и Приватната здравствена установа „Шандем“ во село Ласкарци во вредност од 15 000 евра. Исто толкава сума преку приватната ординација е пријавена и како имот на родителите, кои поседуваат и куќа во вредност од 30 000 евра во Ласкарци и стан од 61 м2 во Скопје во вредност од 40 000 евра. Зибери ја пријавил и платата во износ од 22 000 денари.
Изет Меџити, пак, во однос на претходната имотна состојба пријавена како градоначалник, сега како пратеник се подновил со нов автомобил марка Волво со вредност од 2 149 000 денари или 35 000 евра, а како личен имот пријавил уште еден автомобил од 600 000 денари и имот на родителите, куќа од 516 м2 во Скопје со проценета вредност од 9 200 000 денари односно 150 000 евра. Нема податоци за банкарски сметки.
Пратеникот Бајрам Реџепи на негово лично име пријавил три парцели земјоделско земјиште во Тетовско во вкупна вредност од 180 000 евра, куќа од 270 м2 во Селце од 8 милиони денари, стан од 74 м2 со пријавена вредност од 2 300 000 денари, автомобил Мерцедес А класа од 170 000 денари и удел со вредност од 7 500 000 денари. Сопругата на пратеникот поседува акции во износ од 500 000 денари.
Според Анкетниот лист, пратеникот Берат Ајдари лично поседува само автомобил од 360 000 денари а заедно со сопругата имаат земјоделско земјиште од 15 000 м2 во Липково стекнато со наследство, без наведена проценета вредност. Родителите поседуваат куќа од 6 милиони денари во Липково и автомобил од 60 000 денари.
Пратеничката Вјолца Адеми поседува два автомобили со пријавена вредност од 11 000 евра и банкарски кредит од 2 000 000 денари. Во Анкетниот лист е пријавен и стан од 87 м2 во Гостивар како имот на сопругот.
Пратеничката Мерита Колчи – Коџаџику пријавила три позиции, земјиште од 7 000м2 во Скопје во вредност од 11 377 000 денари и стан од 58 м2 во Скопје од 2 460 000 денари – на име на сопругот како и кредит од 350 000 денари.
Пратеникот Бајрам Кадрија како личен имот ја пријави само платата од 62 000 денари, неговата сопруга има плата од 14 000 денари а има и кредит од 5 000 евра. Родителите на Кадрија поседуваат куќа и земјоделско земјиште во Врапчиште, без да се наведе проценетата сума. Семејството поседува и автомобил со вредност од 6 000 евра.
Без имот на свое име се пратеничките Арбана Пашоли и Арта Билали Зендели.
Пашоли во Анкетниот лист пријавила четири парцели земјиште сите во Дебар, едната како имот на сопругот, а за останатите нема податок, како и куќа во вредност од 8 милиони денари и автомобил од 200 000 денари, исто така на име на сопругот. Тој поседува и денарско штедење во износ од 3 900 000 денари. Пријавена е уште една сметка со 1 850 000 денари, но без да се наведе кој е сопственикот.
Билали Зендели, пак, пријавила златен накит со вредност од 600 000 денари, вози автомобил Мерцедес Б класа од 420 000 денари, прима годишен хонорар од 54 000 денари и има штеден влог во износ од 192 153 денари. Сопругот на пратеничката вози Мецедес А класа од 150 000 денари, има плата од 56 000 денари, родителите поседуваат куќа во Гостивар во вредност од 9 000 000 денари, а на име на децата се пријавени депозити во вкупен износ од 223 000 денари.
За пратеникот Бедри Фазли до моментот на завршување на оваа анализа, не беше објавен Анкетниот лист за имотната состојба.
Мендух Тачи, во својот Анкетен лист како личен имот пријавил куќа со двор од 13 000 000 денари во Тетово, побарување по основ на заем од 22 300 евра, девизен депозит од скоро 105 000 евра и две банкарски сметки со вкупно 64 300 евра како и хипотека од близу 900 000 денари. Сопругата на Тачи поседува автомобил од 180 000 денари, девизен депозит од 54 100 евра како и трансакциска сметка со 9 242 000 денари.