Со видеосторија насловена „Техничкиот премиер и пропаганда шемата на Артан Груби – Бужала, Февзиу, Хаџиу и Келменди со ВИП-третман во размена за пропаганда?“, порталот „Икс“ се обидува да ја разобличи денешната посета на познатите водители и уредници од Албанија и Косово на македонското Собрание и нивното „развозување“ со службени автомобили на нашата влада

Батон Хаџиу – познат албански аналитичар со потекло од Косово, Адриатик Келменди – новинар на косовската телевизија Клан, Бленди Февзиу – водител на популарното ТВ-шоу „Мислење“ (Опиниони) на ТВ Клан Албанија и Берат Бужала – директор и главен и одговорен уредник на косовскиот портал „Национале“, беа ВИП-гостите на ДУИ за време на денешниот избор на техничката влада.
Порталот „Икс“ , преку сторијата на новинарот Фуркан Салиу, објави дека тие цел ден се превезуваат со службени возило од Министерството за политички систем со кое раководи Артан Груби. Според сторијата на „Икс“, прво пиеле виски и пушеле цигари во канцеларијата на Али Ахмети, а потоа ги зазеле столчињата во ВИП-ложата во пленараната сала на македонскиот парламент.
„Мислевме дека ДУИ како домаќин само сака да им направи чест на гостите од Албанија и Косово, но испадна добро организиран план за пропаганда. Од утрово Талат Џафери беше придружуван од Адриатик Келменди. Материјалите се споделуваа од портали блиски на Груби, а целата операција ја координираше самиот тој“,
вели новинарот на портал „Икс“, Фуркан Салиу, во денешната видеосторија покажувајќи десетици идентични објави на портали кои важат за блиски до ДУИ.
Пред Собранието, новинарот Фуркан ги праша гостите дали се дојдени на барање на ДУИ и со цел да вршат пропаганда.
Портал „Икс“: Да ни кажете дали ДУИ ве плаќа да дојдете овде да пропагирате, затоа што овде веќе не им поминува?
Адриатик Келменди: Се брзаме затоа што имаме емисија.
Портал „Икс“: Дали на емисија одите или на некое кафе да славите со Али?
Бленди Февзиу: Како можеш да ме прашаш дали сум зел пари? Не ти е срам да го поставиш ова прашање? Срамота е да се постави ова прашање бидејќи си млад дечко. Срамно е.
Портал „Икс“: Се качувате во службен автомобил.
Бленди Февзиу: Јас не знам каде се качувам, но проблемот е што не можеш вака да поставуваш прашања затоа што си млад новинар. Прашај ме – зошто сум дошол, дали имам некој интерес за тебе, дали сум бил на слични настани.
Целото видео може да го погледнете во продолжение.
Со 65 гласа „за“ и три „против“, Собранието денеска ја изгласа техничката влада по речиси двочасовна пленарна дискусија. Премиер во преодната влада е Талат Џафери од ДУИ.
На засебна седница се констатираа и заменик-министрите, како и дополнителните заменик-министри.
ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за изборот на влада, иако доби дваjцa министри – за внатрешни работи и за труд и социјална политика.
- Со 65 гласа „за“ и 3 „против“, Собранието ја изгласа техничката влада
- (ФОТО) Заедничката фотографија на техничката влада без Тошковски и Велковски
Со ова е комплетиран составот на техничката влада која ќе функционира до изборот на нова, по редовните парламентарни избори кои се закажани за 8 мај.
За утре во 10 часот најавено е и примопредавање на функцијата помеѓу досегашниот претседател на Владата, Димитар Ковачевски, и новиот премиер Талат Џафери.