„Да ја оставиме политиката на политичарите, ние сме спортисти и само тоа треба да не интересира“, порача селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски пред утрешниот натпревар со Бугарија што ќе се одржи в Скопје
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) упати апел за воздржаност од неспортско навивање, користење пиротехнички средства, неспортски транспаренти, користење на ласери, насилно однесување и фрлање предмети на терен
Во пресрет на утрешниот меч против Бугарија што ќе се одржи в Скопје, селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски ги повика македонските навивачи да навиваат спортски и коректно, порачувајќи им да ја остават политиката на политичарите.
„Да ја оставиме политиката на политичарите, ние сме спортисти и само тоа треба да не интересира“,
порача Милевски.

Милевски повика на фер навивање и коректно однесување на утрешниот натпревар, потсетувајќи дека „црвено-жолтите“ имале ист таков третман на гостувањето во бугарски Разград.
„Јас по мечот во Разград се заблагодарив на приемот, а сега ние треба да возвратиме на ист начин. Нè интересира само спортскиот аспект. Цврсто сум убеден во мојот личен став и на федерацијата дека гледаме само на спортот“,
изјави Милевски на вечерашната прес-конференција.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) упати апел за воздржаност од неспортско навивање, користење пиротехнички средства, неспортски транспаренти, користење на ласери, насилно однесување и фрлање предмети на терен.
„Единствено со фер, спортско и коректно навивање покажуваме почит кон нашиот национален тим и почит за противникот“,
стои во апелот на ФФМ.
Натпреварот ќе се игра утревечер со почеток во 20:45 часот на арена „Тодор Проески“ во Скопје, а влезовите ќе бидат отворени од 18:45 часот до 20:30 часот.