Од Центарот за управување со кризи апелираат сите лица кои се наоѓаат кај Беровското Езеро да не тргнуваат да патуваат, а доколку имаат потреба од храна и лекови да се јават на бројот 112
патниот правец Берово-Абланица-Беровско Езеро е во прекин поради паднати дрвја на патот. ДЗС и полицијата имале координативен состанок во Берово и било одлучено сите лица кои моментно се наоѓаат кај Беровско Езеро, да не тргнуваат да патуваат, а ако имаат потреба од храна и лекови, да контактираат на 112 и да ги кажат нивните потреби. Потоа, Општина Берово ќе интервенира и преку нивни луѓе ќе им достават што им е потребно, велат од ЦУК.
„Регионалните центри за управување со кризи во Берово и во Штип, во координативна оперативна комуникација преку Секторот за операции и координација, соопштија дека патот Берово-Струмица е во целосен прекин поради врнежите од снег и паднати дрвја по патот“,
велат од ЦУК.
Покрај овој патен правец, целосно затворен за сообраќај е и патниот правец Попова Шапка – Тетово, од потегот кај село Лисец, додека пак од утринава забрана за сообраќај за тешки товарни возила има на патните правци на крак Маврово – Маврови Анови, Крива Паланка – г.п. Деве Баир, Тетово – Попова Шапка и Струмица – Берово.
Дополнително, поради големи одрони на патот Македонска Каменица – Кочани сообраќајот се одвива по една лента, информираа од подружницата на Македонија Пат.
На овој патен правец кој е дел од магистралата А3, утринава паднале поголеми одрони кои го попречиле целиот коловоз, но за среќа нема повредени лица и оштетени возила погодени од камењата.