Како што соопштија попладнево од Министерството за правда, станува збор за државниот правобранител за подрачјето на Струга, Мирко Велјановски и неговиот колега, државниот правобранител за подрачјето на Скопје, Јане Јанкуловски
Владата на денешната седница донела одлука за разрешување на двајца правобранители – едниот за подрачјето на Струга, а другиот за подрачјето на Скопје, поради, како што се наведува во соопштението од Министерството за правда, нестручно и несовесно вршење на функцијата.

Одлуката, како што се наведува во соопштението од Правда, била донесена на предлог на Државниот правобранител на Република Северна Македонија, односно на Министерството за правда.
„Владата на РСМ одлучи Мирко Велјаноски да го разреши од должноста државен правобранител во Државното правобранителство на Република Северна Македонија за подрачјето Струга, поради нестручно и несовесно вршење на функцијата државен правобранител и Јане Јанкуловски од функцијата државен правобранител во Државното правобранителство на Република Северна Македонија за подрачјето на Скопје, поради нестручно и несовесно вршење на функцијата државен правобранител“,
се наведува во кусото соопштение од Правда.
Инаку, Јане Јанкуловски, како што може да се види од неговата професионална биографија на официјалната веб-страница на Државното правобранителство, за државен правобранител на РСМ за подрачјето на Скопје бил именуван на 17 мај 2017 година, со траен мандат.
Тој е дипломиран правник со положен правосуден испит. Кариерата ја започнал во 2001 година, како адвокатски приправник во адвокатска канцеларија, каде се задржал до 2003 година, а од 2004 до 2009 работел како адвокат.
Истата, 2009 година во октомври, станал помошник директор на Секторот за правни и општи работи во Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, функција која ја извршувал до средината на април следната година, по што повторно и се вратил на адвокатурата.
На 17 мај 2017 година бил именуван за државен правобранител за подрачјето на Скопје, со траен мандат.

Како приправник, својата кариера ја започнал и неговиот, сега веќе, исто така разрешен колега, Мирко Велјановски, но во Општинскиот суд во Струга, каде работел од 1990 до 1992 година. Истата година се вработил во Акционерското друштво за преработка на пластични маси и производи од стаклопластика „Полипласт“ во Струга.
Правосудниот испит го положил во 1996 година, по што се занимавала со адвокатура, пред да биде избран за заменик-јавен правобранител за подрачјето на Струга кон крајот на декември 2006 година.
На крајот на мај 2012 година со решение на Владата е именуван за државен правобранител на Република Северна Македонија за подрачјето на Струга.