Популарните плажи во Рио де Жанеиро ќе бидат отворени за пливачите дури кога ќе се најде вакцина против коронавирус, изјави градоначалникот Марсело Кривела.
Во моментов плажите во Рио се отворени само за вежбање и за спортови на вода, иако во последните неколку викенди видливо е кршење на мерката за физичко растојание и најголем број од присутните не носат маски.
„Онаму каде што не се носат маски, намерата е да се вратиме кога ќе има вакцина или кога заразата ќе дојде на нула“,
рече Кривела додавајќи дека неносењето маски го зголемува нивото на зараза.
Бразил е втора најпогодена земја во светот од пандемијата со коронавирус по САД, со над 1,7 милион заразени и над 69 000 починати како последица од ковид.
Синоќа генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди дека Јужна Америка и Карибите се „жешка точка“ во пандемијата, со најголем број случаи по глава на жител, како и најголем апсолутен број потврдени случаи во светот.