Националниот совет за безбедност на Грција вечерва донесе одлука да го подигне нивото на обезбедување на државните граници и од овој момент во следниот еден месец нема да се примаат нови барања за азил, објави на Твитер грчкиот премиер Киријакос Мицотакис по состанокот.

Мицотакис притоа се повикува на членот 78 став 3 од Договорот за функционирање на ЕУ (ТФЕУ).
„Границите на Грција се надворешни граници на ЕУ и ќе ги заштитиме“, напиша Мицотакис и најави дека во вторник грчко-турската граница ќе ја посети заедно со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
ТФЕУ е еден од двата основни договори на ЕУ, заедно со Договорот за Европска унија(ТЕУ). Во него се дефинираат принципите и целите на ЕУ и обемот на дејствување во нејзини рамки и се утврдени организациски и функционални детали за институциите на ЕУ.
Членот 78, пак, се однесува на политиката на гранична контрола, азил и имиграција.

Ставот три на кој се повикува Грција предвидува:
„Во случај една или повеќе земји-членки да бидат соочени со вонредна состојба, што се карактеризира со ненадеен прилив на државјани од трети земји, Советот, на предлог на Комисијата, може да донесе привремени мерки во корист на земјите-членки кои се засегнати. Ќе се делува по консултација со Европскиот Парламент“.

„Актуелната ситуација на границата со Турција претставува активна, сериозна, исклучителна и асиметрична закана за националната безбедност на земјата“,
изјави портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас по состанокот на владиниот совет за национална безбедност.
Грчките власти објавија дека од шест часот утрово до 18 часот попладнево, кај Еврос, на грчко-турската граница имало околу 5 500 обиди за влез во Грција на нелегани мигранти, кои биле спречени, а 60 лица биле уапсени.
Попладнево повторно избија инциденти на границата.
Грчката Влада за да ги информира и да ги спречи бегалците и мигрантите да влезат во Грција, испраќа смс порака на сите странски мобилни телефони кои што се приближуваат до грчко – турската граница или се веќе таму, со следната содржина:
„Никој не може да ја помине грчката граница. Сите оние што се обидуваат да влезат нелегално, ефективно се спречени да влезат. Бројките цитирани од турските власти се лажни и заблудени“,
пишува, според грчки владини извори, во пораката, на англиски јазик.
Грчките и локалните медиуми денеска објавија дека на островите Лезбос, Иос и Самос, од турското крајбрежје денеска пристигнале околу 600 бегалци и мигранти.
Фронтекс, како што се посочува, го подигнал степенот на предупредување за сите граници кон Турција.
Министрите за надворешни работи од земјите членки на ЕУ во текот на престојната недела ќе одржат „вонредна средба“ заради влошувањето на состојбата во Сирија, што предизвика луѓето да бегаат преку Турција кон границите на ЕУ, соопшти денеска шефот на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел.

Ситуацијата во Грција од вчера е прилично тензична откако Турција одлучи да ги отвори границите за мигрантите кои од 2015-2016 се на нејзина тероторија кон Европа во знак на револт поради завчерашниот напад врз нејзините сили во Идлиб, Сирија, при што загинаа повеќе од 30 турски војници.