Центарот за обука „Пепелиште“ бил само привремен простор каде што треба да се извршат епидемиолошките прегледи согласно медицинскиот протокол, велат од Министерството за одбрана откако вчера се појави видео во кое се гледаат лоши услови во овие простории.
„Тимот на Министерството за здравство утрово ќе ги заврши прегледите по што лицата веднаш ќе бидат преместени во реновираниот завод во Демир Капија“,
велат од Министерството за одбрана.
Во текот на вчерашниот ден министерката за одбрана Радмила Шекеринска на својот фејсбук-профил сподели видео и информација дека се е подготвено за прифатниот пункт, во којшто требаше да бидат сместени околу 200 лица кои во текот на вчерашниот ден влегле во земјава доаѓајќи од високоризичните земји со коронавирус.
Оттаму објавија и фотографии од заводот во Демир Капија.
Видеото со лошите услови во „Пепелиште“ покрена бура реакции за условите во кои синоќа беа сместени девет лица, музичка група од Битола која се врати од настапи во Австрија. Иако за таму се најавуваше дека ќе бидат однесени 200 лица кои се враќаат во државата, единствените информации кои се во јавноста се дека членовите на музичката група се единствените кои биле таму.
Хелсиншкиот комитет за човекови права изрази загриженост во однос на сместувачките услови за групната изолација за лицата сместени во Центарот за обука „Пепелиште“.
„Имено, во медиумите беше објавено сведоштво на лицата сместени во Центарот за обука во Пепелиште – Криволак, каде што евидентни се лошите хигиенски услови и недостатокот на соодветни легла. Во текот на денешниот ден, Министерството за одбрана соопшти дека „Центарот за обука во Пепелиште е само привремен простор каде што треба да се извршат епидемиолошките прегледи согласно медицинскиот протокол. По завршените прегледи, лицата веднаш ќе бидат преместени во реновираниот Завод во Демир Капија“,
наведува Хелсиншки комитет во соопштение.
Комитетот апелира до надлежните институции, во секој момент, да се имаат предвид човековите права и човековото достоинство, особено кога станува збор за мерки на групна изолација.
Додава дека условите во овие простории треба да ги исполнуваат домашните и меѓународните стандарди во смисла на пристап до соодветни легла, хигиена, оброци и здравствена заштита.
„Дополнително, потсетуваме дека согласно член 54 став 3 од Уставот на РСМ, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско врз основа на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. За крај, ја повторуваме пораката што ја испрати високата комесарка за човекови права при Обединетите нации, Мишел Башелет: ‘Ковид-19 е тест за нашите општества, сите учиме и се адаптираме согласно мерките што се преземаат против вирусот. Човековото достоинство и човековите права треба да бидат во фокусот и центарот на овие мерки, а не нешто со кое што ќе се соочиме понатаму’“,
стои во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права.