Министерството за надворешни работи денеска издаде предупредување за македонските граѓани кои патуваат во НР Кина на опасноста од коронавирусот, да го избегнуваат градот Вухан, во провинцијата Хубеј, кој е жариште на заболувањето.
„Поради брзото ширење на вирусот, Министерството препорачува воздржување од патувања во градот Вухан и во поширокиот регион, имајќи ги предвид и превентивните мерки што ги преземаат кинеските власти, со ограничување на движењето и затворање на железничкиот, автобускиот и воздушниот транспорт“, се вели во соопштението од МНР.
Граѓаните на Република Северна Македонија за подетални информации околу развојот на состојбите можат да се обратат во Амбасадата на Република Северна Македонија во Пекинг на дежурниот телефонски број +86 185 1351 2812 или на имејлот: [email protected].
Според последните податоци, бројот на заразени во Кина веќе надминал 830, од кои 26 се починати, а случаи се регистрирани и во Виетнам, Сингапур, Тајланд, САД, Тајван, Јапонија и Јужна Кореја. Десетина кинески града се претворени во карантин, а во борбата против коронавирусот во Вухан се вклучи и кинеската армија преку 40 воени лекари. Таму започна и изградба на болница, специјално за заболените од новиот вирус.