Во Основниот кривичен суд во Скопје утрово беше закажано судско рочиште за предметот „Титаник 3“, на кое требаше да се дадат завршните зборови. Но, поради состојбата со коронавирусот, обвинетиот Исмет Гури не се појави зашто, како што кажа неговиот адвокат, тој е дијабетичар веќе 20 години и е на инсулинска терапија, а таа група луѓе се во ризичните за кои Владата има дадено препорака да седат дома.
„Титаник 3“ се однесува на уништување изборен материјал за локалните избори во Чаир во 2013 година.
Другиот обвинет во предметот, пратеникот од ДУИ, Ејуп Алими, се појави во судницата.
Обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, пак, предложија ако треба да се обезбедат секакви услови за Гури да дојде во судот и да се заврши овој предмет кој веќе е пред самиот крај.
Судијката Марија Клетничка го одложи денешното судење и следното го закажа за 25 март, еден ден откако завршуваат препораките од Владата, кои засега се до 24 март. Таа претходно посочи дека и овој предмет е итен затоа што се наоѓа во завршна фаза.
Адвокатот на Гури, Еленко Миланов, во изјава за медиумите реагираше зошто во судот се одржуваат рочишта во оваа ситуација со коронавирусот бидејќи и судовите се места каде што има голема фреквенција на луѓе. Адвокатите, судиите и обвинителите, рече тој, очигледно не ѝ се важни на државата кога не се опфатени со препораките за коронавирус.
Во однос на синоќешното соопштение на Адвокатската комора во кое бара да не се одржуваат судењата кои не се итни, Миланов вели дека таа не може да им наложи на адвокатите да не се појавуваат на судења бидејќи ако некој адвокат не се појави и биде казнет од судот, тоа на свој грб ќе го сноси самиот адвокат.