Од 16 јануари во земјата има полициски час од 18 часот до наутро
Француската влада соопшти дека полицискиот час, кој беше воведен пред 12 дена, не ги дал очекуваните резултати за забавување на ширењето на коронавирусот.
Пoртпаролот на француската влада Габриел Атал најави дека поради ова се разгледуваат различни сценарија – од продолжување на тековниот полициски час до воведување нов построг карантин во цела држава.
Од 16 јануари во Франција е во сила полициски час кој почнува од 18 часот, наместо од 20 часот, како што беше случај во рамките на построгите мерки во борбата против новиот коронавирус.
Мерката се однесува на целиот континентален дел на земјата. Во Франција беше најавено дека полицискиот час ќе трае најмалку 15 дена.
Само во првиот ден од воведувањето, дури 6 000 лица заработија казни за негово прекршување.
Од кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон пред неколку дена соопштија дека Франција планира да ги направи ПЦР-тестовите задолжителни за сите патници што влегуваат во земјата, вклучително и од земји од ЕУ.
Таквата мерка би требало да стапи во сила в недела, а од неа ќе бидат ослободени прекуграничните работници. Негативниот ПЦР-тест за влез во Франција, според најавите, не треба да биде постар од 72 часа.