Германските власти, пак, размислуваат да ги затворат границите со соседните земји доколку не се реагира бргу за спречување на ширењето на коронавирусот
Дел од европските земји воведоа или најавија заострување на мерките против ковид-19. Справувањето со пандемијата беше тема и на вчерашниот состанок на лидерите на ЕУ, каде што се разговарало за ограничување на патувањата, како внатре така и преку граници, за што тие се согласиле дека тоа е право на секоја земја, но и оти е потребна максимална координација на европско ниво.
По состанокот, од кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон соопштија дека тој им пренел на своите колеги од ЕУ дека Франција планира да ги направи ПЦР-тестовите задолжителни за сите патници што влегуваат во земјата, вклучително и од земји од ЕУ.
Таквата мерка би требало да стапи во сила в недела, а од неа ќе бидат ослободени прекуграничните работници. Негативниот ПЦР-тест за влез во Франција, според најавите, не треба да биде постар од 72 часа.
За затворање на границите, пак, размислува Германија. Шефот на канцеларијата на германската канцеларка Ангела Меркел, Хелге Браун, вчера изјави дека Германија најверојатно ќе се реши да ги затвори границите со соседните земји ако тие не реагираат бргу во спречувањето на ширењето на коронавирусот.
„Опасноста е дека кога инфекциите се зголемуваат во една земја, и таа мутација станува квази-мнозинство и тогаш заразата повеќе не може да се контролира. Затоа неизбежно ќе биде и воведување построги правила за преминување на нашите внатрешни граници, важно е сега да дејствуваме заедно“,
изјави Браун.
Пред неколку дена германските власти одлучија да ги продолжат строгите рестрикции до 14 февруари, со кои остануваат затворени училиштата и продавниците кои не продаваат стоки за основните потреби.
Португалија е уште една европска земја која ги заостри мерките во обид да спречи влошување на состојбата. Од денеска се затворени градинките, училиштата и факултетите.
Од минатата недела, португалските власти ги затворија и сите услужни дејности не се од витално значење за животот на граѓаните и на луѓето им порачаа да останат во своите домови.