Според првичната информација од МВР, пораки за наводно поставени бомби биле пристигнати на електронските адреси на 12 средни училишта во Скопје. Сепак, како што соопштија оттаму вечерва, вакви дојави денеска добиле уште четири средни училишта, односно вкупно 16
Дојавите за наводно поставени експлозивни направи во училишта, трговски центри и други јавни објекти се лажни, соопшти вечерва Министерството за внатрешни работи (МВР), откако, како што информираат оттаму, завршиле сите проверки.

„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека денеска (08.02.2023) во 19:10 часот завршија сите потребни проверки во врска со денешните пријави од 16 средни училишта и 5 други објекти во Скопје по добиените пораки на електронски адреси со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“,
се наведува во соопштението од МВР.
Оттаму посочуваат дека по добиените пријави, од страна полициски службеници веднаш се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од антитерористички тимови.
Инаку, според првичната информација од МВР, пораки за наводно поставени бомби биле пристигнати на електронските адреси на 12 средни училишта во Скопје. Сепак, како што сооштија оттаму вечерва, вакви дојави денеска добиле уште четири средни училишта, односно вкупно 16
Освен во училишта, закани за наводно поставени експлозивни направи денеска имаше и во МРТВ, Транспортниот центар (Железничка станица), Градскиот трговски центар (ГТЦ), Трговскиот центар „Џевахир сити“, Трговскиот центар „Ист гејт“ и Трговскиот центар „Сити мол“.
Денешните дојави за бомби се трети од почетокот на 2023 година. По првпат вакви закани добија десет училишта во Скопје на 3 февруари, а четири дена подоцна, односно вчера, вторпат од почетокот на оваа година беа испратени дојави за наводно поставени експлозивни направи во 47 основни и средни училишта.