Во полициската акција, спроведена доцна синоќа во Тетово, биле приведени неколку лица по различни основи. Во проверките што биле правени се утврдувало дали во локалите престојуваат малолетни лица, дали на нив им се точи алкохол и дали се почитува јавниот ред и мир, информираат од МВР.
„Во акциска контрола спроведена ноќеска (5 февруари), десетина минути по полноќ, во угостителски објект на улица ‘Димо Гавровски-Кара’ во Тетово полициски службеници на СВР Тетово го привеле 37-годишниот тетовец В.Н. кој се однесувал агресивно додека преземале службени дејствија. Во друг угостителски објект на излезот од Тетово во 1 часот и 30 минути приведени се И.А. (20) од Тетово и А.Б. (26) од скопско Рашче кои не поседувале документи за идентификација“,
вели портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Во угостителски објект на улица ЈНА во Тетово, пак, е приведено 26-годишно момче поради нарушување на јавниот ред и мир, а според портпаролот, во објектот било затекнато и малолетно женско лице од Косово, кое консумирало алкохол, по што девојчето било предадено на роднина.