Против двајца полицајци од преминот Табановце поднесени се кривични пријави бидејќи на 1 јуни годинава дозволиле влез во државата на лице без негова евиденција и без приложување негативен ПЦР-тест во време кога во сила беа вакви мерки.
Како што соопшти МВР, С.М. која била раководен работник во оваа полициска станица на Табановце му наредила на Д.С. да му дозволи влез во државата на лице од селото Петралинци, Општина Босилово, без да го евидентира во системот за контрола на патници и возила и да изврши минимални гранични проверки. На тој начин лицето влегло во државата без да приложи валиден негативен ПЦР-тест или во спротивно да биде упатен во задолжителен државен карантин, кога во сила беа овие владини мерки.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава против С.М. и Д.С., поради постоење основи на сомнение за кривични дела повреда на чување на државната граница и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.