Иако станува збор за мерка што би можела сериозно да ги погоди САД, дипломатски извори велат дека повеќето земји-членки реагирале претпазливо, загрижени за можните американски контрамерки
Европската комисија подготвува нов сет контрамерки против американскиот претседател Доналд Трамп, кои, за првпат, би вклучувале ограничувања во секторот на услуги и јавни набавки, пишува „Политико“.

Овој можен пресврт во европската трговска стратегија доаѓа како одговор на сеопфатните царини на Трамп и најавите за дополнителни удари, вклучително и врз фармацевтската индустрија и полупроводниците.
Идејата ја изнесе комесарот за трговија Марош Шефчовиќ за време на состанокот на министрите за трговија на земјите-членки во понеделник, потврдија за „Политико“ четворица дипломати на ЕУ.
„Јасно е дека треба да почнеме да ги разгледуваме услугите бидејќи повеќе или помалку ги исцрпуваме можностите кај стоките. И ако Трамп продолжи понатаму, треба да имаме нешто подготвено“,
рече еден од изворите.
Иако станува збор за мерка што би можела сериозно да ги погоди САД, дипломатски извори велат дека повеќето земји-членки реагирале претпазливо, загрижени за можните американски контрамерки. Постојат стравувања дека рестрикциите врз услугите би можеле дополнително да ги комплицираат тековните преговори за ослободување на Европа од планот за воведување царина од 30 проценти на целиот извоз во САД, што би стапило на сила на 1 август.
ЕУ веќе одобри прв пакет контрамерки за царини, во вредност од 21 милијарда евра, но неговата имплементација е одложена до 6 август за да се обиде да се постигне договор. Втор пакет, кој опфаќа стока во вредност од 72 милијарди евра – вклучувајќи авиони, автомобили, машини и земјоделски производи – чека конечно одобрување.
Европската Унија со години има дефицит во трговијата со стоки со САД, но има значителен суфицит во услугите, што би можело да стане нова точка на притисок. Идејата веќе е дискутирана во рамките на Унијата, но е ставена на чекање со надеж дека ќе се постигне барем прелиминарен договор со Вашингтон.
Европските престолнини остануваат поделени околу тоа дали треба дополнително да се заостри пристапот. Трамп претходно се закани дека ќе ги зголеми тројно тарифите за увоз од ЕУ, од 10 проценти на 30 проценти, почнувајќи од 1 август.
Францускиот претседател Емануел Макрон повика на користење на Европскиот инструмент против принуда, механизам што би овозможил воведување широк спектар мерки против САД – како што е забрана за учество на американските компании во јавни тендери на ЕУ или ограничувања за големи технолошки платформи.
Но, дипломатите велат дека во моментов нема волја кај повеќето членови да го користат инструментот, што би барало поддршка од најмалку 15 од 27-те земји-членки. Наместо тоа, Шефчович на состанокот ја спомена можноста за користење на Регулативата за спроведување, закон зајакнат во 2021 година што им овозможува на компаниите да бидат исклучени од јавните набавки ако трговските партнери ги прекршат обврските што им штетат на интересите на ЕУ.
„Разговаравме за тоа да ја имаме првата листа, сега втората, и дали ни е потребна трета листа што би содржела различни мерки“,
изјави за „Политико“ литванскиот министер за надворешни работи Кестутис Будрис.
Европската комисија одби да коментира за овие обвинувања.