Арачиново е на праг да постави нов државен рекорд – во категорија на домаќинства пред суд и извршител.
„На дневна основа имаме по неколку судења. Зошто имаме по неколку судења, од причина што станува збор за безмалку цело село. Некој е должен да плати нешто за работа што другиот не ја завршил.“, вели адвокатот на општина Арачиново – Стевица Јосифовски.
Незадоволни од фирмата за комунална хигиена, арачиновци престанале да плаќаат за собирање смет. Двете неплатени сметки од неколку стотина денари, сега ги чинат илјадници.
„За инат на сите нас не дадоа на извршители.“
„Нема да платам нека ме судат. Месец дена ќе седам во затвор.“, велат арачиновци.
Општината вели дека им помага на граѓаните, а фирмата е навредена што новата локална власт ја прекинала соработката. Кој ќе го плати борчот?
Повикот за џума ги собира арачиновци на едно место. По молитивата, муабетот веќе цела година е за заедничкиот проблем на селото – судии и извршители.
„Помагаат ли молитви? А помагаат… никако… Плаќав редовно, не знам што е проблемот.“
„Пет дена ми е рокот, што да правам, за жалба да платам? Не плаќам и нема да платам, нека ме судат. Месец дена ќе седам затвор, мене ми се исплати да одам во затвор и така и така не работам ништо.“, велат жителите на ова село.
Маката почнала за време на локалните избори во октомври минатата година. Тогаш, велат арачиновци, фирмата за собирање смет ангажирана од претходната локална власт престанала да чисти. Во месеците октомври и ноември не поминал ниту инкасаторот да ги собере договорените 210 денари по куќа.
„Да сте ја снимале улицава 11, кај што живеам јас, тоа беше катастрофа. Значи кучиња, ѓубре, најлончиња, хартии по пат влечени.“, ни раскажа арачиновецот Минор Рамадани.
Под притисок на жителите, новата градоначалничка Миликие Халими на крајот на ноември го одзема овластувањето на фирмата Ривиел за собирање отпад. Ангажира нова фирма, од која жителите сега се задоволни. Но, фирмата на која и бил раскинат договорот бара 420 денари од куќа, според нив долг за неплатени сметки. Бидејќи речиси никој не платил, преку извршители сумата стигнува до неколку илјади денари по домаќинство.
Арачиновци праќаат жалби до судот. Но, веќе има пресуди кои ги губат. Судот толкува дека ако не биле задоволни од услугата, граѓаните требало веднаш да ги раскинат поединечните договори со фирмата.
Дали општината била свесна за последиците кога го прекинала договорот? Зошто не им е даден совет на граѓаните и поединечно да ги раскинат договорите? Одговор не добивме од градоначалничката Миликие Халими бидејќи, како што ни пренесе нејзиниот сопруг, работите најдобро ги знаел адвокатот.
Адвокатот немаше мандат да зборува за одговорност. Правно, не се согласува со толкувањето на судот, бидејќи самата фирма престанала да носи и сметки на врата.
„Ако ние претходно во континуитет неколку години истото го правиме на начин на којшто сме се договориле, со доставување на овие парагон блокови или како сакате наречете ги, они ги третираат како веродостојни исправи, во тој случај јас ве очекувам да дојдете да поминете, тоа е едната причина. Втората причина е, зошто некој би платил за услуга која што не е извршенa. Ова се наводите кои мојата адвокатска канцеларија ги истакнува во приговорите кои ги третира судот. Но, можам да ви кажам ориентационо дека станува збор за десетици илјади евра, значи тоа се тие пари кои тие би можеле да ги очекуваат доколку овие постапки како такви завршат неповолно за граѓаните.“, вели Јосифовски.
Но, побрзи од тоа што според граѓаните е правда, се извршителите.
„За тие четиристотини денари ми запираа пензија, ми дојде да плаќам 14. 500 денари. Се бунев, зашто да платам кога не дојде да земе ѓубре, и не сме платиле, а беше подобро плати поарно да не се запира 14 000.Многу пари, ако има можност да ни се вратат парите. Многу. За 400 денари да ни се запираат толку пари, мака е.“, зборува пензионерот Мертез Мамути.
Од фирмата Ривиел велат дека доколку не било задоволно од услугата, секое домаќинство можело и требало поединечно да го раскине договорот.
„Не се точни информациите дека е тужено цело село Арачиново, кое има околу 2.250 домаќинства…Како Адвокатско друштво имаме добиено налог од доверителот Ривиел за покренување постапка за наплата на долг за 850 предмети… Сметаме дека не е коректно за домаќинствата што уредно ги плаќале своите обврски да се актуелизира тема што стимулира неплаќање на превземени обврски.“, тврдат од Адвокатското друштво „Тодоровски и Јовановски“, кои се правни застапници на фирмата.
Оттаму апелираат до граѓаните да ги подмират долговите во најкус рок, да не приговараат на донесените решенија, а со тоа и да не генерираат поголеми трошоци.
Адвокатот на арачиновци и понатаму ќе се обидува да ја реши нивната мака. Но, има совет и за други рурални средини, каде отпадот се собира на ист начин.
„Доколку и други жители, во други општини се соочуваат со вакви проблеми на својата територија, нека приговараат на работењето, нека сочинуваат приговори, нека ги доставуваат до самата фирма која е ангажирана од страна на општината и доколку не се задоволни од услугите и не ги испорачуваат услугите тие фирми, нека го раскинат договорот.“, советува Јосифовски.
Правдата тешко ќе натежне на страната на арачиновци, кои сега живеат во чисти дворови, но со ризик да останат со празни сметки.
Напишете коментар