„Осомничениот, согласно евиденцијата, е претходно осудуван за кривични дела – телесна повреда, загрозување на сигурноста, демнење и други кривични дела, против него во постапка се и други пријави, а во моментот издржувал мерка на безбедност – задолжително лекување во психијатриска болница, од каде избегал“, велат од Обвинителството

Против 50-годишен прилепчанец Основното јавно обвинителство (ОЈО) Прилеп ќе спроведе истражна постапка бидејќи постои сомнение дека вчера со умисла се обидел да ја лиши од живот социјалната работничка од Прилеп, а во опасност го довел и животот на уште тројца вработени во Центарот за социјални работи.
Прилепчанецот се сомничи дека сторил кривично дело – убиство од член 123 став 2 точка 3 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик, како и – неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје експлозивни материи од член 396 од Кривичниот законик.
Како што информираат од ОЈО, лицето со оружје марка „берета 950 Б“ со калибар 6,35 милиметри, кој го поседувал без дозвола, започнал да пука кон жртвата, која се обидела да се скрие во една канцеларија.
„Со два куршуми ја погодил, при што со едниот проектил и нанесол површна рана во пределот на главата – аркадата, а со другиот ѝ нанел прострелна влезно-излезна рана во пределот на десната страна од слабината“,
велат од Обвинителството.
Според Обвинителството, директорот на установата успеал да го совлада и да го задржи до пристигнување на полициските службеници, кои покрај пиштолот кај него пронашле и одзеле и еден нож.
„Осомничениот, согласно евиденцијата, е претходно осудуван за кривични дела – телесна повреда, загрозување на сигурноста, демнење и други кривични дела, против него во постапка се и други пријави, а во моментот издржувал мерка на безбедност – задолжително лекување во психијатриска болница, од каде избегал“,
се вели во описот од Обвинителството.
Поради сите овие и други околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и опасност да го повторува кривичното поведение, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.