Кој се плаши од граѓаните? – прашаа од Независната граѓанска иницијатива „Поинаку“ по најавите за зголемување на бројот на потписи за независни листи
Лудост е во услови кога немаме нов попис и прочистен избирачки список да зборуваме за проценти неопходни за независни листи на изборите, вели Габриела Илиевска, независна советничка од „Поинаку“ во Советот на Општина Битола. Во разговор со „360 степени“, најавените измени во Изборниот закони со кои за поднесување на независни листи треба да се соберат потписи од два отсто од вкупниот број на избирачи, Илиевска ги оценува како удар врз демократијата.
„Нашето прашање е: кој се плаши од граѓаните? Ова е спротивно од заложбите за граѓански активизам, едно се зборува друго се прави. Проценти во било кој закон да се определуваат без спроведен попис и обработени податоци е лудост. Без аплицирани податоци од пописот во избирачкиот список е надвор од умот. Пример, во избирачкиот список стојат и наши во странство, тогаш како од нив ќе се соберат потписи, а истите учествуваат во вкупниот број на избирачи“,
вели Илиевска од „Поинаку“.
Таа посочува дека најавените измени се косат со препораките на ОБСЕ/ОДИХР во чиј финален извештај за локалните избори во 2017 година се посочува дека треба да се размислува за прагот да биде најмногу 1 отсто.
Отежнителна околност, дополнува таа, е тоа што потписите се собираат пред службените лица на Државната изборна комисија во рок од 15 дена.
„И бидејќи се повикуваат на препораки на ОБСЕ/ОДИХР, треба да се потсетиме на извадок од Конечниот извештај на Мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори во 2017 г. (стр. 12).која вели – „Треба да се размисли за стандардизирање на потребниот број на потписи за независните кандидати на најмногу 1% од регистрираните гласачиво согласност со меѓународните добри практики“. Покрај ова, како што е претходно препорачано, треба да се размисли за обезбедувањена алтернативни методи за прибирање на потписи, со цел да се намали потенцијалот за заплашување, а како најдобар пример е Хрватска -со лична карта на улица“,
потенцира Илиевска.
Како дополнителен проблем за собирањето потписи, Илиевска ја посочува и ковид-пандемијата.
„На крај, мора да спомне и тоа дека сите ние сме свесни дека се поголем е ризикот од делта-сојот на ковид-19 што дополнително ќе биде проблем граѓаните да одат до канцелариите за потпис, а оние кои ќе одат да се потпишат веќе се маркирани однапред како ќе гласат, што е голем удар врз тајноста на гласањето!“,
вели независната советничка.
Независната граѓанска иницијатива „Поинаку“ ги поддржа „Зелен хуман град“ во барањето до претседателот Стево Пендаровски да ги спречи измените во Изборниот закони.