Михајло Подољак, главниот советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, преку објава на Твитер напишана на македонски јазик се заблагодари за помошта која од македонска страна стигнува за Украина, за време на руската воена инвазија во оваа земја.
„Пријателот се познава во неволја. Не е важно со каква големина е твојата земја, важно е какво срцето. Многу народи денес ќе покажат повеќе храброст од половина од G20. Како Северна Македонија, која ѝ пружи помош на Украина. Ние никогаш нема да го заборавиме ова“ ,
напиша Подољак на Твитер.

Тенковите кои беа донирани на Украина се од тенковскиот баталјон на Армијата кој е планирано да биде расформиран. Од Министерството за одбрана посочија дека станува збор за ,,трета генерација тенкови кои со развојот на технологијата за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни со нашите побарувања за снабдување со западна платформа”. Дополнително, додаваат од МО, во наредниот период би требало да се трошат и ресурси за нивно уништување, што е нецелисходна активност за нашата Армија.
На донацијата во тенкови реагираа од руското МНР од каде сметаат дека донацијата е голема грешка на властите во Скопје.
Од македонското МНР пак на ова вратија дека Република Северна Македонија е суверена држава која одлуките ги носи самостојно водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право.