„Додека снимател и две новинарки снимале за потребите на телевизијата, обвинетиот најпрвин излегол од берберницата и започнал гласно да ги пцуе. Потоа влегол внатре и зел ножици, по што се вратил кај оштетените и директно им се заканил дека ќе ги убие“, посочуваат од Обвинителството
Скопското јавно обвинителство поднесе обвинение за насилство против 53-годишникот кој во август годинава нападна новинарска екипа на ТВ Алсат пред берберница во Старата скопска чаршија.
Според Обвинителството, мажот грубо ја навредувал и насилнички се однесувал кон новинарската екипа, при што предизвикал вознемиреност и страв кај сведоци на настанот.

„Додека снимател и две новинарки снимале за потребите на телевизијата, обвинетиот најпрвин излегол од берберницата и започнал гласно да ги пцуе. Потоа влегол внатре и зел ножици, по што се вратил кај оштетените и директно им се заканил дека ќе ги убие. Тие започнале да се повлекуваат на друга локација, но во тој момент обвинетиот му пришол од зад грб на снимателот и го удрил со тупаници по главата“,
посочуваат од Обвинителството.
Од ударот снимателот во прв момент изгубил рамнотежа и ја спуштил камерата, а потоа се исправил и започнал да се брани од ударите на 53-годишникот. Наскоро интервенирале и други граѓани за да го спречат натамошното насилство и го одвлекле обвинетиот во берберницата.
Од поведувањето на постапката, како што наведуваат од ОЈО, за осомничениот во сила се мерки на претпазливост.
По нападот на новинарската екипа на ТВ Алсат, кој се случи на 21 август годинава, реагираше Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и ги повика надлежните органи да спроведат брза и ефикасна истрага за случајот.