Четворица од нив, во периодот од февруари 2023 до јуни 2024 година, прибавиле вкупна имотна корист во износ од 2 509 808 денари. Останатите, во текот на 2022 и 2023 година, преку поединечни измами во помали износи, успеале да повлечат уште дополнителни 659 500 денари

Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена истражна постапка, поднесе обвиненија против лица кои со компјутерски измами и фалсификување успеале преку брзи кредити противправно да присвојат над 3,1 милиони денари.
Обвиненија се поднесени против шест лица за повеќе дејствија на продолжени кривични дела – фалсификување исправа, злоупотреба на лични податоци и компјутерска измама. Против 33 лица е поднесен предлог за издавање казнен налог до надлежен суд за кривично дело – компјутерска измама.
Во објаснувањето од Обвинителството се вели дека обвинетите дејствувале организирано, користејќи го информатичкиот систем на повеќе финансиски друштва. Обвинетите внесувале невистинити податоци во информатичките системи на финансиските друштва за да прикажат лажни резултати при електронската обработка и преносот на податоци од Агенцијата за вработување (АВРСМ).
Во ова, се додава во соопштението од Обвинителството, им помагал вработен во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО, кој им ставил на располагање средства, односно ЕЗБО број кој претходно го обезбедил преку својот компјутер од електронскиот систем на Фондот. Тие користеле лажни исправи и ги злоупотребувале личните податоци на оштетени физички лица и притоа од финансиските друштва повлекувале брзи кредити на нивно име.
Намерата на обвинетите, додаваат од ОЈО, им била за секој од нив да прибават противправна имотна корист.
Четворица од нив, во периодот од февруари 2023 до јуни 2024 година, прибавиле вкупна имотна корист во износ од 2 509 808 денари. Останатите, во текот на 2022 и 2023 година, преку поединечни измами во помали износи, успеале да повлечат уште дополнителни 659 500 денари.
За четири лица што биле опфатени со истражната постапка јавниот обвинител донел решение за запирање на истрагата, од кои за двајца затоа што не биле обезбедени докази дека учествувале во оваа измамничка шема, а двајца во меѓувреме починале.
