Полицијата на обвинетиот му поднесе кривична пријава кон крајот на септември, а како што информираат од Обвинителството, тој и претходно е осудуван за кривични дела кон градоначалникот на Неготино, но ѝ покрај тоа продолжил со заканите
Кавадаречкото Основно јавно обвинителство по завршената истрага и обезбедени докази поднело обвинение против едно лице осомничено дека со закани по животот се обидело да изнуди пари од градоначалникот на Неготино.

Според Јавното обвинителство, сега обвинетиот со заканите што ги упатил сакал да изнуди сума од 3 000 евра, но градоначалникот одбил да постапи по неговите барања и случајот го пријавил во полиција.
„Со намера за себе да прибави противправна имотна корист, обвинетиот на 2 септември упатил сериозна закана дека ќе нападне по животот и телото на оштетениот – градоначалник на Општина Неготино и неговото семејство, обидувајќи се да му изнуди сума од 3 000 евра. Оштетениот не постапил по барањето и случајот го пријавил во полиција“,
се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Полицијата на обвинетиот му поднесе кривична пријава кон крајот на септември, а како што информираат од Обвинителството, тој и претходно е осудуван за кривични дела кон градоначалникот на Неготино, но ѝ покрај тоа продолжил со заканите.
Како што додаваат оттаму, обвинетиот од 4 до 18 септември испраќал заканувачки пораки до градоначалникот со намера да го вознемири и заплаши, а дел од пораките ги адресирал и до општината, Министерството за внатрешни работи и до новинари.
Со тоа, како што посочуваат од Обвинителството, тој кај градоначалникот предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв за сопствената, како и безбедноста на неговото семејство и на граѓаните на Неготино.
Со обвинението, надлежниот јавен обвинител побарал и продолжување на мерката притвор што претходно му е определена обвинетиот, бидејќи постои ризик тој побегне во странство каде живее дел од неговото семејство.
Дополнително, како што наведуваат од Јавното обвинителство, постојат околности кои укажуваат тој да го повтори делото, па дури и да ги реализира заканите и изнудата.
Јавниот обвинител, се додава, го имал предвид и фактот обвинетиот веќе е осуден за кривични дела присилба и демнење на градоначалникот за кои му е изречена условна осуда.
Од Обвинителството велат дека бараат отповикување на ова пресуда бидејќи сè уште не е поминат периодот на проверка, а обвинетиот веќе врши нови кривични дела.
