Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен предлог против Емил Јакимовски за продолжено кривично дело загрозување на сигурноста од член 144 став 2 (при вршење семејно насилство) и за едно кривично дело загрозување на сигурноста од член 144 став 4 (по пат на информатички систем).
„Од резултатите на вештачењето спроведено по наредба на јавниот обвинител во текот на истражната постапка произлезе дека обвинетиот ги сторил делата во состојба на битно намалена пресметливост за да го сфати значењето на делото и да управува со своите постапки“, се вели во соопштението од ОЈО.
Првото дело за кое се товари, според обвинителството, Јакимовски го сторил со умисла преку повеќе временски поврзани дејствија. Тој вршел семејно насилство врз поранешната сопруга и ја загрозил сигурноста со сериозна закана врз нејзиниот живот и врз животот на нејзиниот татко.
Второто дело Јакимовски го сторил на 10 јануари, кога преку преку пораки и мобилни апликации ѝ се заканувал на оштетената дека ќе изврши кривично дело – убиство за кое е пропишана казна затвор од најмалку пет години.
Исто така, обвинителството ги истражуваше и наводните закани на Јакимовски кон друга оштетена, но притоа се утврди дека во нив не постојат елементи на кривично дело, туку дека станува збор за клевети и навреди за кои оштетената може да поведе граѓанска постапка.
Обвинителството соопшти дека против Јакимовски не е поднесено обвинение и за кривичното дело – неизвршување судска одлука од член 377 став 5 за кое била спроведена истрага, која утврдила дека решението на Основниот граѓански суд Скопје, со кое била издадена наредба – привремена мерка за заштита на правата на оштетената од семејно насилство сè уште не е правосилно.
Јакимовски од 18 јануари се наоѓа во осумдневен притвор, а обвинителството бара од Основниот кривичен суд Скопје да му се продолжи притворот поради постоење реална опасност тој да избега.
На 13 јануари новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска пријавија закани од Јакимовски, а потоа и од Централниот регистар, каде што Јакимовски беше вработен. Тој упатувал закани кон директорката на оваа институција, Марија Јанковска-Бошковски и кон вработени.
Во меѓувреме тој доби отказ поради нарушување на угледот на институцијата.
Тогаш беше хакирана и фејсбук-страницата на Централниот регистар, од каде што објавија дека се сомневаат дека зад тоа стои токму Јакимовски, кој ја креирал страницата уште пред 10 години, кога бил раководите на Одделението за маркетинг и односи со јавност.
ВМРО-ДПМНЕ, каде што Јакимовски е член, се огради и го осуди неговото однесување и ги повика институциите да постапат согласно законските прописи.