Двајцата обвинети се товарат за кривичното дело узурпација на недвижности по член 225 став 2 од Кривичниот законик, за кое, според наведениот став, е предвидена казна затвор од една до пет години
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против двајцата осомничени кои пред шест дена беа уапсени откако со багер ја урнале оградата на поликлиниката „Бит-пазар“ со намера да почнат градежни активности за изградба на паркинг.

Двајцата сега веќе обвинети, кои се на возраст од 45 и 42 години, се товарат за кривичното дело узурпација на недвижности по член 225, став 2 од Кривичниот законик.
Според ставот 2 од наведениот член од Кривичниот законик, за ова кривично дело е предвидена затворска казна од една до пет години.
Настанот за кој се товарат обвинетите се случил во петокот вечерта, а следниот ден Министерството за внатрешни работи информира дека тие се приведени и дека против нив се поднесени соодветни пријави.
Во соопштението од Јавното обвинителство наведуваат и краток опис на дејствијата што обвинетите ги извршиле во дворот на поликлиниката, земјиште кое е во државна сопственост.
„Првообвинетиот ангажирал повеќе непознати лица да ја исечат металната ограда и да ја искршат бетонската конструкција за ограда од дворот на Јавната здравствена установа – Здравствен дом на Скопје – Поликлиника „Бит Пазар“. Притоа, биле уништени и околните грмушки и дрва. Второобвинетиот со багер почнал да го рамни теренот каде осум камиони транспортирале градежен материјал – тампон, кој го растовариле во дворот на поликлиниката. Со багерот, вториот обвинет продолжил да го растура и рамни тампонот низ паркот на болницата до доаѓањето на полицијата“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.
Надлежен јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје поднел предлог на првоосомничениот да му биде продолжен осумдневниот притвор, кој му беше одреден во неделата. За вториот обвинет на сила остануваат определените мерки за претпазливост, информираат од Јавното обвинителство.