Таткото на девојчето им помогнал да го реализираат нивниот план и тој е обвинет за помагање во кривичното дело грабнување, соопштија од Обвинителството
Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против четири лица за грабнувањето и убиството на 14-годиншната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Тројца од обвинетите се гонат за едно кривично дело убиство од чл.123 ст.2 т.1 и т.7 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик и едно за кривично дело – убиство од чл.123 ст.2 т.1 и т.4 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик и двете казниви по чл.123 ст.3 од Кривичниот законик, како и за едно кривично дело грабнување од чл.141 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик и едно кривично дело грабнување од чл.141 ст.1 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик.
„Како соизвршители, заедно со уште едно осомничено лице за кое истрагата за исти кривични дела е во тек, испланирале грабнување на 14-годишното дете Вања Ѓорчевска со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. На 22.11.2023 заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило ‘ситроен’ за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано Рудник во околината на Велес, каде што од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри“,
соопштија од Обвинителството.
На 27.11.2023, додаваат од Обвинителство, обвинетите и осомничениот, помогнати од четвртиот обвинет, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата „Наум Наумовски Борче” во Скопје.
Откако претходно обвинетиот татко на оштетеното дете, преку првоосомничениот дал упатства за времето кога девојчето ќе излезе само за да оди на училиште, тројцата сега обвинети дошле пред влезот на зградата каде што живее оштетеното дете.
„Со шрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, па кога жртвата излегла од лифтот, ја фатиле, ја совладале и ја врзале, заканувајќи ѝ се да не вика затоа што ќе пукаат. Ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент и со автомобил ја однеле во близина на местото викано Дупки, во атарот на селото Бразда. Таму на свиреп начин со умисла го лишиле од живот малолетното лице, така што првоосомничениот ѝ нанел огнострелна повреда со истрел од пиштол со калибар 9 милиметри, а обвинетите го закопале телото во претходно ископана дупка. Потоа на нива покрај земјен пат, во атарот на селото Бразда, го запалиле автомобилот ‘ситроен’ со велешки регистарски таблици, за што употребиле бензин во туба што го набавил еден од обвинетите“,
информираат од Обвинителството.
Таткото на девојчето им помогнал да го реализираат нивниот план и тој е обвинет за помагање во кривичното дело – грабнување од чл.141 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.24 од Кривичниот законик.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети соизвршители и мерката куќен притвор за нивниот помагач.
„Обвинителниот акт се темели на вербални и материјални докази во однос на дејствијата на обвинетите, но со оглед на тоа што постапката против првоосомничениот кој неодамна беше екстрадиран од Република Турција продолжува, јавното обвинителство не е во можност да споделува детали во однос на доказниот материјал. Постапката продолжува и против уште едно лице кое е осомничено дека му помогнало на првоосомничениот по извршувањето на кривичното дело така што му овозможило превоз при бегството до Република Турција. За тоа лице на сила се претходно определените мерки на претпазливост“,
се наведува во соопштението на Основното јавно обвинителство-Скопје.
Врховниот суд пред два дена ја одби како неоснована жалбата на Боре Видевски, еден од сега веќе обвинетите за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Видевски во жалбата изјавена преку својот бранител Бојан Манев барал притворот да му биде заменет со домашен притвор.
Велешанецот Боре Видевски е еден од четворицата обвинети, од кои тројца се товарат за тешките кривични дела две грабнувања и две убиства на свиреп начин, а еден за помагање при грабнување малолетно лице.
Како што пренесе телевизијата Телма, Видевски завчера негирал вина дека бил инволвиран во грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.
Првоосомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски е Љупчо Палевски-Палчо, кој на 15 мај беше екстрадиран во земјава од Турција, каде што по бегството беше лоциран и уапсен по меѓународната потерница што по него ја распишаа македонските власти преку Интерпол. За него Обвинителство сè уште нема поднесено обвинителен акт бидејќи трае истражната постапка.
Љупчо Палевски-Палчо екстрадиран во земјава, веднаш е пренесен во затворот во Шутка, потврди МВР
Преoстанати обвинети се и Велибор Манев и Влатко Кешишов, кои беа уапсени заедно со Видевски.
Стефан Димовски, пак, е осомничен за кривичното дело помагање сторител по извршено кривично дело бидејќи го возел Палевски од Србија, преку Бугарија до Турција. Нему на 12 март му беше укинат притворот бидејќи, како што образложија тогаш од Обвинителството, поради видот на кривичното дело и предвидената казна, не постои законска можност тој и понатаму да ја издржува оваа мерка за обезбедување присуство.
Меѓу обвинетите е и таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, кој по неколку месеци поминати во затворот во Шутка од неодамна се наоѓа во куќен притвор откако Врховниот суд му ја уважи жалбата.
Малолетната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември, кога во близина на Велес беше пронајден мртов и велешанецот Панче, кој, пак, беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.
Според информациите од истрагата кои тогаш на прес-конференција ги изнесоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на скопското Основно јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, Вања била грабната во влезот од зградата во која живеела, а потоа во вреќа за спиење била ставена во багажникот на возило и однесена на локација надвор од Скопје, каде што е убиена.
(ВО ДЕТАЛИ) Што досега е познато за грабнувањата и убиствата на Вања и Панче