МВР го товари лицето за „предизвикување општа опасност“, дело за кое најлесно може да се помине со парична казна а најтешко со казна затвор до 5 години
Според полицијата, пријавениот пукал во воздух со пиштол кој легално го поседувал
Секторот за внатрешни работи Скопје поднел кривична пријава по брза постапка против лицето кое вчера пукаше на плоштадот „Скендербег“, при судирот на демонстрантите кои протестираат против францускиот предлог и група која во тој момент била во чаршијата. МИА пренесува дека МВР го товари за „предизвикување општа опасност“, дело кое е казниво по член 288 од Кривичниот законик.
Доколку пак се отвори Кривичниот законик, може да се види дека казната која потенцијално може да ја добие пријавеното лице варира од парична (доколку се докаже дека го сторил делото од небрежност) до казна затвор со траење од најмногу пет години (доколку делото е сторено на место каде се собрани поголем број на луѓе).
„По преземени мерки и активности од страна на Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни деликти при СВР Скопје, лицето беше лишено од слобода вчеравечер (6 јули 2022 г) во 20:10 часот, бидејќи околу 19:40 часот, во текот на одржување на јавен сoбир на граѓани организиран преку социјални мрежи, за време на инцидент на плоштадот „Скендербег“ на бул.„Гоце Делчев“, извадил пиштол „Walter P99“, кој го поседувал со дозвола и испукал во воздух. Пиштолот му е одземен и вештачен, обезбедени се сите докази против него, за што во соработка со ОЈО Скопје лицето е изнесено пред Судија на претходна постапка“,
соопшти МВР.
Од Јавното обвинителство, пак, дополнија дека веќе поднеле постапка и дека бараат притвор за осомничениот. Во нивното соопштение се додаваат дополнителни детали за настанот:
„За време на движењето на група граѓани кои учествувале на јавен собир, тој забележал како дел од граѓаните фрлаат камења, по што се упатил кон нив и во два наврати испукал по два куршума во воздух“,
соопштија од ЈО.
Мала недоумица, сепак, остава делот од соопштението на МВР во врска со идентитетот на извршителот. Во денешното соопштение, МВР го означи со иницијалите Е.Ј.(40). Вчера и денеска повеќе медуми објавуваа дека лицето кое пукало е Цуфи Кока, член на Алијанса на Албанците, коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, и брат на Зуди Енузи, в.д. директор на јавното претпријатие „Комунална Хигиена“ во Скопје.
Засега немаме потврда од МВР дали станува збор за истото лице, односно дали Цуфи Кока се само скратено име и прекар по кое лицето било познато во окружувањето и се претставувало на социјалните мрежи. Обвинителството воопшто не споменува иницијали, само возраста од 40 години.