Според неофицијалните информациите, низ нивни раце поминала безбедносната проверка на контроверзниот Олександр Онишченко и дале позитивно мислење за побараното државјанство на Онишченко. Тие наводно тврделе дека за контроверзниот Украинец контактирале со партнерските служби од државите членки на НАТО иако никогаш не го сториле тоа
Началничка во секторот за стратешка соработка со НАТО службите во Агенцијата за национална безбедност и вработен во истиот сектор засега се единствените за кои е предложена суспензија во случајот со давањето на македонско државјанство на украинецот Олександр Онишченко, објави „Телма“, повикувајќи се на добро информирани извори.

Според неофицијалните информациите, низ нивни раце поминала безбедносната проверка на контроверзниот Олександр Онишченко и дале позитивно мислење за побараното државјанство на Онишченко. Тие наводно тврделе дека за контроверзниот Украинец контактирале со партнерските служби од државите членки на НАТО иако никогаш не го сториле тоа.
Станува збор за двајца искусни агенти. Началничката во секторот за стратешка соработка била повеќе години началник на таканаречената четврта Управа во поранешната Управа за бебзеднопст и контраразузнавање (УБК), односно секторот за аналитика во време на Сашо Мијалков. Вториот агент за кого е предложена суспензија има долг стаж во службата и потекнува од семејство кое и пред него имало вработени во разузнавачките агенции во државата.
Постапката за суспензијата ќе оди преку дисциплинска комисија формирана во АНБ затоа што нивната внатрешна контрола нема избрано раководител. Поради тие пропусти, внатрешната контрола не може да го истражува скандалот и раководителот да потпише соодветен извештај.
Директорот на АНБ, Виктор Димовски, по реферирањето пред собраниската Комисија за надзор над работата на АНБ и на АР, најверојатно утре, на затворена владина седница ќе даде извештај на за случајот со давањето на македонско државјанство на контроверзниот Украинец, Олександер Онишченко. Ова денеска го најави премиерот Димитар Ковачевски.
Прашан дали ќе има нов директор на АНБ, премиерот одговори дека ќе има и најви дека тоа ќе биде познато за 24 дена.
„Дали ќе имаме нов директор на АНБ, односно дали ќе има одговорност. Да, ќе имаме нов директор на АНБ и тоа ќе се случи би рекол во наредните 24 дена, именување на нов директор на АНБ. Треба да биде професионалец со долгогодишно искуство и ќе треба исто така да ги помине и филтрите на институциите на стратешките партнери, бидејќи да не заборавиме ние сме земја членка на НАТО, имаме Договор за стратешко партнерство со САД и изборот треба да биде усогласен со исполнување на такви критериуми“,
изјави премиерот Ковачевски.
На прашање од новинарите, тој појасни дека изборот е започнат затоа што директорот Димовски е веќе со испратени агремани за амбасадор во Франција и оти веќе е отпочнат процесот на селекција на нов директор на АНБ.
Директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски во петокот изјави дека интерната постапка за евентуален пропуст за случајот „Онишченко“ констатирала дека не е испочитувано последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со НАТО партнерите пред да се даде позитивно мислење. Лоциран е прстенот и поединецот што го ставил потписот и ќе се преземе одговорноста, рече Димовски по прекинувањето на затворената седница на матичната собраниска комисија. На седницата се случи инцидент со тонски пренос во живо од отчетот на Димовски на јутјуб-каналот на Собранието, за што во тек е истрага во Собранието.