Посочи дека на листата на учесници на седницата што ја предложил судијата известител се предложени повеќе од 20 имиња, како експерти по уставно право, меѓународно право, човекови права и поранешни судии на Европскиот суд за човекови права
Подготвителната седница за Законот за јазици се очекува да биде одржана во периодот од 19 до 21 март, изјави на денешната прес-конференција претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, посочувајќи дека во текот на утрешниот ден Судот ќе има редовен работен состанок на кој ќе се утврдува листата на учесници и спорните правни прашања во врска со иницијативите по овој закон.
„Очекувам утре да бидат утврдени и спорните правни прашања и листата на учесници. Имаме предлог за листата од судијата известител, но и секој од судиите е слободен да дава дополнителни предлози“,
рече тој.
Според него, испратено е писмо до Венецијанската комисија, а добиен е повратен одговор дека пријателскиот совет ќе биде усвоен на седницата на 14 или 15 март.
„Тоа значи дека подготвителната седница може да се одржи веднаш штом на 14 или 15 март се усвои пријателскиот совет. Тоа ќе биде објавено јавно на 17 или 18 март. Побаран е претставник од Венецијанската комисија да дојде и на подготвителната седница да го образложи пријателскиот совет. Моите очекувања се дека во тие денови од 19 до 21 ќе биде одржана подготвителната седница“,
вели Костадиновски.
Посочи дека на листата на учесници на седницата што ја предложил судијата известител се предложени повеќе од 20 имиња, како експерти по уставно право, меѓународно право, човекови права и поранешни судии на Европскиот суд за човекови права.
Не посочи конкретни имиња, додавајќи дека не е соодветно да шпекулира во оваа фаза.
„Подносителите на сите 13 иницијативи ќе бидат поканети, а меѓу нив има и политички партии. Тоа е согласно нашиот акт“,
кажа претседателот на судот.
Коментирајќи ја последната седница на Уставниот суд на која на дневен ред беа иницијативите поврзани со Законот за употреба на јазиците, а на која не беа дојдени дел од неговите колеги, рече дека нема да дозволи некој да ја уценува или блокира работата на судот.
„Минимум кворум за работа на судот се пет судии, одлуките се носат со пет гласа, освен ако не е потребно квалификувани мнозинство. Подготвителната седница ќе се одржи доколку се исполнети условите од минимум суди присутни за работа“,
рече тој.
Костадиновски 2024 година ја оцени како година на револуционерни реформи во работењето на Уставниот суд, но и како една од најефикасните по однос на предметите што ги решиле, но ако се земе предвид приливот од пристигнатите иницијативи, бројка што годинава отскокнува за разлика од претходните години.
Упати порака до политичарите да ги тргнат рацете од Уставниот суд, како и да останат посветени на заложбите на владеење на правото, за правна држава за европски вредности.