Холандскиот амбасадор се интересирал за средбата на Ковачевски со Петков и изразил надеж дека со обновениот дијалог помеѓу двете влади ќе има напредок во процесот на членство на Северна Македонија во ЕУ

Поддршката од Холандија, која како земја има стриктен пристап кон објективното вреднување на пристапните критериуми, е потврда дека со посветеноста на европската реформска агенда, Северна Македонија е целосно подготвена за отворање на преговорите, рекол премиерот Димитар Ковачевски на средба што ја имал во владата со холандскиот амбасадор во земјава, Јан Дирк Коп.
Коп, според соопштението од Владата, се интересирал за средата на Ковачевски со бугарскиот премиер Кирил Петков.
„Амбасадорот Коп покажа посебен интерес за средбата на премиерот Ковачевски со неговиот колега Кирил Петков од Бугарија и изрази надеж дека обновената комуникација меѓу двете влади ќе го поттикне очекуваниот напредок во процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ со одржување на првата Меѓувладина седница за отворање на поглавјата“,
велат од Владата.
Ова е прва средба на Ковачевски со холандскиот амбасадор откако тој ја презеде премиерската функција, па Коп му посакал успех во претстојниот мандат.
Тие зборувале и за соработката помеѓу Северна Македонија и Холандија.
„Премиерот Ковачевски на средбата ја истакна интензивната соработка меѓу Северна Македонија и Холандија на највисоко ниво во последните години со што се зацврсти пријателството меѓу двете земји на билатерален план, како и на планот на поддршката на евроинтеграцискиот процес на нашата земја. Заемното партнерство, беше нагласено на средбата, се остварува на исклучително задоволително рамниште од двете страни со постојано исполнување на Декларацијата за партнерство и соработка што двете земји ја потпишаа во 2017 година“,
велат од Владата.