И покрај реакциите на Украина, избори за прв пат ќе се одржат и во делови од анектираните украински региони Луганск, Донецк, Запорожје и Херсон, кои се под руска контрола
Од денеска до недела во Русија се одржуваат парламентарни избори, кои, во строго контролирано гласање, се очекува да ѝ донесат победа на владејачката партија Единствена Русија, пренесуваат светските медиуми.

Изборите, кои критичарите веќе ги оценија како нефер, се сметаат за референдум за продолжување на војната на рускиот претсседател Владимир Путин врз Украина, која веќе е навлезена во петтата година, откако започна во февруари 2022 година.
Претседателот Владимир Путин изборите ги нарече „заеднички придонес кон победата на Русија“ против Украина.
Партијата Единствена Русија, која е на власт повеќе од 20 години, очекува двотретинско мнозинство и покрај тешката економска криза, воениот замор и јавното незадоволство. Меѓу кандидатите на партијата се десетици воени ветерани.
Откако антивоената партија Јаблоко беше исклучена од изборната трка, на гласачкото ливче ќе бидат вкупно десет партии лојални на Кремљ, кои ја поддржуваат војната со Украина.
Право на глас имаат повеќе од 110 милиони Руси, кои избираат 450 претставници во рускиот парламент, односно Државната дума во Москва.
И покрај реакциите на Украина, избори за прв пат ќе се одржат и во делови од анектираните украински региони Луганск, Донецк, Запорожје и Херсон, кои се под руска контрола. Кримскиот полуостров на Црното Море, кој Русија го анектираше во 2014 година, учествува на парламентарни избори по втор пат.
Покрај изборите за Државната дума, осум региони избираат и членови на регионалните парламенти. Според изборната комисија, низ целата земја се одржуваат околу 2 200 избори на различни нивоа на власт.
