Законодавно-правната комисија во Собранието денеска попладне треба да одржи седница на која ќе одлучува за иницијативата за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување донесен во 1993 година.
Барањето за автентично толкување го поднесоа двајцата пратеници од власта, Сашко Костов и Диме Велковски.
Седницата е закажана за 14 часот и доаѓа откако вчера Владата го усвои мислењето на Министерството за правда да се прифати иницијативата за автентично толкување.
Деловникот во Собранието налага дека Законодавно-правната комисија прво треба да одлучи дали барањето е оправдано. Ако го прифати предлогот за автентично толкување, тој потоа треба да се најде на дневен ред на пленарна седница.
Пленарната седница, пак, како што најави претседателот на Собранието, Талат Џафери, најрано може да се закаже на 11 декември.
Со барањето за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, пратениците од владејачкиот СДСМ сакаат да го спречат Уставниот суд во можноста да ги „воскресне“ помилувањата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов за повеќе од 50 лица опфатени во случаите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Очекувањата им се дека законодавниот дом ќе заклучи дека ваквиот член воопшто и не постои.