За домаќинствата и компаниите се предвидени само препораки до кои ќе треба да се придржуваат за штедење на електрична енергија, додека за институциите се предвидени конкретни задолженија
Од денеска до 31 март следната година ќе важат мерките за штедење електрична енергија со кои потрошувачката треба да се намали за 15 отсто, а се со цел –„Заштеда на струја за безбедна зима“.
Министерството за економија подготви план, препораки, укажувања и задолженија кои се поделени во повеќе категории пред сẻ во зависност од тоа дали се работи за домаќинства, компании или простории на јавни објекти во сопственост на државата (министерства, агенции, органи на државна управа, државни компании општините и град Скопје).

За домаќинствата и компаниите се предвидени само препораки до кои ќе треба да се придржуваат за штедење на електрична енергија, додека за институциите се предвидени конкретни задолженија.
„На домаќинствата им се препорачува бојлерот, машините за садови и за перење да се користат во ниска тарифа на електрична енергија, разумно да се користат грејните тела, да се користи што е можно повеќе сонцето за осветлување, да се готви во помали садови, да се користат енергетски ефикасни сијалици, во зима температурата на климатизерите да не биде повисока од 20 степени“,
се само дел од мерките кои им се препорачуваат на домаќинствата.
Препораките за бизнис заедницата се да се исклучува декоративното осветлување на фасадите, во производните објекти, хали и канцеларии температурата на климатизерите во сезона на греење да не биде повисока од 20 степени, да се исклучуваат сите компјутери, редовно да се менуваат филтрите на грејните тела, доколку компанијата има потреба од санитарна топла вода да се инсталираат сончеви колектори.
За јавните институцци, пак, Владата има издадено задолженија.
„Сите раководни лица на јавните институции на централно ниво треба да преземат соодветни мерки за да се намали потрошувачката на електрична и топлинска енергија за 15 отсто споредено со истиот период од 2021/2022 година. За да може да се спроведе штедењето потребно е сите раководни лица во јавните институции да ги преземат сите неопходни мерки за организирање на процесот на работа во соодветни услови со примена на задолжителните мерки и тоа да се исклучи декоративното осветлување на фасадите на сите јавни објекти и културни споменици, да не се користи осветлување во внатрешните простории и канцелариите во јавните објекти во период кога има доволно дневна светлина, температурата на климатизерите во сезона на греење да не биде повисока од 20 степени, да се заменат старите сијалици со вжарено влакно со компактни флуоресцентни сијалици“,
се наведува во задолженијата.

Исто така, Владата ги задолжи сите институции на централно ниво од редот на своите вработени да определат лица кои ќе се грижат за намалување на потрошувачката на енергија, согласно наведените препораки, применувајќи чести контроли во текот на работното време, а особено после завршување на работното време, со цел намалување на потрошувачката за 15 отсто споредено со истиот месец од минатата година.
„Вработените во јавните институции и државните претпријатија, исто така, се задолжуваат секогаш кога се во можност да користат скали наместо лифт, да вршат кратко и интензивно проветрување на просториите, исклучување на светилките кога се напушта просторијата, печатење само на оние документи кои се потребни и онолку копии колку што е неопходно и да се исклучуваат сите компјутери по завршувањето на работата“,
се дел од задолженијата за вработените.
Препораките за општините и градот Скопје се да се исклучи декоративното осветлување на фасадите на сите јавни објекти и културни споменици, да не се користи осветлување во внатрешните простории и канцелариите во јавните објекти во период кога има доволно дневна светлина, температурата на климатизерите во сезоната на греење да не е повисока од 20 степени, општините и градот Скопје, во рамките на буџетите, да инсталираат колекторски системи за загревање вода, а доколку тоа е разумно и исплатливо, да се инсталираат интелигентни системи за управување со потрошувачката на енергија.
Исто така, и општините и градот Скопје од редот на своите вработени треба да определат лица кои ќе се грижат за намалување на потрошувачката на енергија, согласно наведените препораки, применувајќи чести контроли во текот на работното време, а особено после завршување на работното време, со цел намалување на потрошувачката за 15 отсто споредено со истиот месец од минатата година.
И на вработените во општините, градот Скопје и јавните претпријатија на општинско ниво им се препорачува користење скали наместо лифт, доколку е соодветно, за да се намали потрошувачката на енергија, кратко и интензивно проветрување на просториите, исклучување на светилките кога се напушта просторијата или може да се користи дневна светлина, печатење само на оние документи кои се потребни и онолку копии колку што е неопходно, да се исклучуваат сите компјутери по завршувањето на работата.
„Општините и градот Скопје треба да направат распоред за јавното осветлување така што на половина од улиците и булеварите да го исклучуваат осветлување, наизменично, преку еден ден, а ЈП за државни патишта веднаш да почне со намалување на осветлувањето поставено на државните патишта до минимален сигурносен обем на осветлување на улици, плоштади и други објекти во земјава кое ги опфаќа државните патишта“,
се вели во препораките за општините и за градот Скопје дадени од Владата.