Почнува процесот на отстранување на изомерите на линданот складирани во малата депонија во дворот на некогашниот хемиски гигант „Охис“. Откако првично ќе се отстрани горниот слој на земја од депонијата, ќе се копа на длабочина од метар и седумдесет сантиметри, до каде се очекува да се стигне до бетонските базени каде е закопан линданот. Ќе се испита до каде е загадена почвата и ќе се чисти сè додека не се стигне до неконтаминирана зона.
Проценките се дека се работи за околу 700 тони опасен отпад и околу 900 тони контаминирана почва, а очекувањата се чистењето да заврши за една година. Линданот нема да се третира во Македонија, туку со посебни контејнери ќе се извезе во Франција. Во Холандија пак, ќе се испрати контаминираната земја. Претставниците на фирмата „Полиеко“ информираа дека процесот ќе биде безбеден и за граѓаните, и за животната средина.
„Проектот ќе се имлементира со најановите достапни технологии и во согласност со највисоките стандарди. Ќе биде подигнат специјализиран шатор на самата локација. Целата работа ќе се одвива во затворен простор за да се заштити јавноста и околината од какви било можни ризици. Ќе има специјални единици за негативна филтрација на самата локација, посебна респираторна заштита ќе им биде обезбедена на сите работници. Нема да има третирање на отпадот или на загадената почва на самата локацијата. Загадената почва ќе биде спакувана во посебни, непропустни контејнери одобрени и тие ќе бидат извезени согласно Базелската конвенција во Франција и Холандија. Во текот на овие активности ќе имаме програма за континуирано следење на животната средина за да бидеме сигурни дека нема никакви ризици за животната средина и јавното здравје“,
велат од „Полиеко“.
Министерот за животна средина Насер Нуредини, вели дека процесот на отстранување на линданот почнува дури сега оти морало да се најдат пари и да се осигура безбедноста.
„Подготвителниот процес траеше долго, справувањето со овие жаришта бара детални истражувања на самите депонии, проценка на ризикот, реализација на обуки за професионално инволвираните, обезбедување на дополнителна лабораториска опрема за следење на влијанието врз животната средина во текот на процесот, која ја промовиравме неодамна на Институтот за хемија на ПМФ и други неопходни анализи за што е потребно многу време и големи финансиски средства“,
кажа Нуредини.
Сè уште нема план за чистење на големата депонија, лоцирана во непосредна близина на малата.

Депониите со линдан во „Охис“ се сметаат за најжешка еколошка точкa во земјава. Со потпишување на Стокхолмската конвенција во 2004-та, во која линданот како токсична супстанца е додаден во 2009-та, Македонија e обврзана да ја деактивира оваа темпирана бомба. Постојат документи кои укажуваат дека остатоци на линданот се складирани и надвор од фабриката, над скопско Драчево во месноста викана Пеленица, но за конкретни истражувања на оваа локација сè уште нема најава.