Министерот вели дека јагленот ќе се набавува за функционирање на термоцентралите бидејќи нашите капацитети за негова експлоатација се ограничени. Тој смета дека од договорот и двете страни ќе имаат корист ако се има предвид дека во одредени месеци и Косово можеби ќе треба да увезува струја од Северна Македонија и обратно
Министерот за економија, Крешник Бектеши, за време на неговата посета на Косово, на средба со косовската колешка Атане Ризваноли, разговарале за можноста за набавка на јаглен од Косово за потребите на Северна Македонија со цел да се зголеми домашното производство на електрична енергија.
Бектеши на состанокот бил заедно со заменик-директорот на ЕСМ, Имер Зенку, а од косовска страна присуствувал и директорот на Косовската енергетска корпорација (КЕК), Нагип Красниќи.
Тие ги започнале преговорите за условите за набавка и договориле во наредниот период да се потпише Меморандум за разбирање меѓу двете земји со кој ќе се обезбедат потребните количини јаглен.
„Ние и претходно сме разговаравме, многу сме заинтересирани да ја продлабочиме соработката особено во однос на набавка на јаглен од Република Косово во Северна Македонија за потребите на функционирањето на термоцентралите бидејќи капацитетите во однос на експлоатација на јаглен ни се ограничени и имајќи предвид дека Косово има значителни резерви сметаме дека техничките тимови треба да изнајдат решение кое ќе биде вин-вин и за Република Косово, но и за Северна Македонија. На тој начин ќе се зголеми соработката не само со увозот на јаглен, туку и во однос на пазарот на електрична енергија воопшто за двете земји“,
вели Бектеши.
Тој смета дека од договорот и двете страни ќе имаат корист ако се има предвид дека во одредени месеци и Косово можеби ќе треба да увезува струја од Северна Македонија и обратно.
Косовската министерка, пак, рече дека треба активно да се работи во иднина и се согласи дека од ваков договор ќе имаат придобивки граѓаните и на двете земји.
„Соработката воопшто и визијата и стратегијата што ја имаме пред нас, предвидува поблиска регионална соработка со Албанија и Северна Македонија, но надвор од тоа не можеме поради фактот што сме во време кога сите се соочуваме со енергетска криза. Секако дека ја поздравувам оваа средба за да видиме што можеме да направиме освен долгорочна соработка и стратегија, што можеме да направиме за да си помогнеме меѓусебно. Уверена сум дека придобивките ќе бидат двострани, очекувам да бидеме коректни во преговорите и да вложиме напори да помогнеме во искористувањето на ситуацијата, важно е заедно да соработуваме за да што е можно полесно ги надминеме ефектите од оваа криза“,
вели Ризваноли.