Пред официјалниот старт на средбата, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во изјава за ТВ 21 кажал оти средбата е пријателска и братска, но не открил за што конкретно ќе стане збор на состанокот. Освен Ахмети, на средбата која ја иницираше албанскиот премиер присутни се и Таравари, Гаши и Тачи
Премиерот на Албанија Еди Рама, вечерва ги собра на заедничка средба лидерите на партиите на Албанците од Северна Македонија. Средбата, како што објавија албанските медиуми, се одржува во зградата на владата на Албанија и е сè уште во тек.
На средбата се присутни лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, првиот човек на Алтернатива, Африм Гаши и лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи.
Единствено лидерот на Беса, Билал Касами, кој исто така, беше поканет на средбата, ја одби поканата и не дојде во Тирана, оти, како што изјави претходно, не сакал да седне на иста маса со Ахмети.
На средбата во албанската влада, како што јавија тамошните медиуми, присутна е и министерката за надворешни работи на Албанија, Олта Џачка.
Темата на заедничката средба со лидерите на албанските партии во Македонија која ја иницираше премиерот Еди Рама засега не е официјално позната.
Пред официјалниот старт на средбата, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во изјава за ТВ 21 кажал оти средбата е пријателска и братска, но не открил за што конкретно ќе стане збор на состанокот.
„Средбата е пријателска, братска. Ќе ги видиме темите. Сите теми кои се профитабилни, особено ме интересира градење и зајакнување на заедничката стратегија за приближување на патот кон Европската Унија. Ова е исклучително важна мисија за нашата земја. Зајакнување на мирот, стабилноста и напредокот на економијата“,
рекол Ахмети.
На средбата кај Рама, Ахмети ќе биде придружуван од првиот вицепремиер Артан Груби.
Албанската „Њуз 24“ јави дека на состанот станало збор за внатрешно-политичката ситуација во Северна Македонија, како и за улогата на албанските партии во надминувањето на ќорсокакот за обезбедување мнозинство, бидејќи Собранието мора да направи одредени уставни измени поврзани со напредокот и продолжувањето на процесот на евроинтеграции.