Пратениците од „Европскиот фронт“ ја напуштија седницата зашто од дневен ред е симнат предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во прво читање
СДСМ најави дека нема да го поддржат ребалансот на Буџетот, а според министерката Гордана Димитриеска-Кочоска, ваквиот потег ќе ги намали несуштинските трошења, а се обезбедуваат средства за доспеаните законски обврски и исполнување на владините политики, како и обврските кон кредиторите и кон граѓаните
Почна собраниската расправа за ребалансот на Буџетот за 2024 година, која може да трае најмногу три дена.
Пратениците од „Европскиот фронт“ ја напуштија седницата оти од дневен ред е симнат предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во прво читање.
За пратеникот Халил Снопче од коалицијата „Вреди“, пак, „Европскиот фронт“ прави театар за законот за игри.
Инаку, со првичниот предлог за изменување и дополнување на годинашниот Буџет, вкупните приходи беа планирани на ниво од 318, 2 милијарди денари, а расходите на ниво од 362,8 милијарди денари.
Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти.
Комисијата за финансирање и буџет во текот на амандманската расправа за ребалансот на Буџетот прифати два амандмана, за исплата на административците кои беа вклучени во спроведувањето на годинашните избори, како и за платено политичко рекламирање.
Министерката Гордана Димитриеска-Кочоска ребалансот го оцени како обид на новата влада да обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината.
Според неа, со ребалансот се намалуваат несуштински трошења, а се обезбедуваат средства за доспеаните законски обврски и исполнување на владините политики, како и обврските кон кредиторите и кон граѓаните.
„Ваквото ревидирање е за обезбедување неопходни средства за непречено функционирање на институциите и сервисирање на обврските“,
кажа министерката во Собранието.
За СДСМ, пак, предложениот ребаланс на буџетот е катастрофално лош, на штета на работниците и економијата.
„Со ребалансот нема пари за раст на платите во ниту еден сектор. Нема пари за покачување на минималната плата, за работниците, нема пари ниту за пожарникарите, војниците, полицајците, образованието… Не е скроен според потребите на македонската економија туку на владејачката коалиција“,
велат оттаму.
Пратеникот Димитар Ковачевски од собраниската говорница кажа дека СДСМ нема да го поддржи ребалансот.