Пред првата конститутивна седница на новото Централно претседателство на ДУИ, Изет Меџити, кој е дел од „огнената група“, кажа дека очекува вистинска дебата и најави дека ќе бараат смена на Артан Груби. Груби, пак, во кратката изјава за медиумите го прокоментира денешниот ден како прекрасен и за ДУИ и за сите граѓани
Централното претседателство на Демократска унија за интеграција (ДУИ) денеска ќе ја одржи првата конститутивна седница во Мала Речица. Во пресрет на седницата, министерот за надворешни работи и кадар на ДУИ, Бујар Османи во изјава за ТВ 21 кажа дека денеска на маса има неколку точки, а меѓу другото, и отчет на функционерите на ДУИ од извршната власт.
„Ова е првата конститутивна седница на Централното претседателство. Ќе се бираат секретаријатите, советничкиот тим на Ахмети и потоа ќе има евалуација на работата на избраните функционери. Не очекувам да има некои значајни одлуки“,
рече Османи.
Прашан од новинарите за евентуална оставка од некој министер, Османи кажа дека не очекува оти некој од министрите ќе ја напушти функцијата и дека тоа не на дневен ред туку ќе има дебата.
Од друга страна, пак, претседателот на надзорниот совет во ДУИ и дел од т.н. „огнена група“, Муса Џафери во изјава за „Тетово Денес“ вели дека освен надворешната политика, во внатрешната политика и во економијата нема никакви резултати, а поради тоа, ќе се бара промена на позициите со цел да дојдат нови поподготвени генерации.
„За состојбата во државата нема напредок, само има напредок во надворешната политика, патеката кон ЕУ интеграциите и членка сме на НАТО, додека економијата е слаба и затоа ќе бараме придвижување на позициите, нека дојдат нови генерации што се поподговени“,
изјави Џафери.
Изет Меџити, кој исто така е дел од „огнената група“, очекува вистинска дебата и најави дека ќе бараат смена на Артан Груби.
„Ќе згреши било кој што мисли дека ќе има само формална дебата. Мислам дека ова е Демократската унија за интеграција каде што секогаш има жестоки дебати во функција да се исправиме самите ние, пред да не поправи народот. Поради неефикасност, нереализирање на програмата, ќе бараме смена на господинот Груби“,
рече Меџити.
Груби, пак, во кратката изјава за медиумите го прокоментира денешниот ден како прекрасен и за ДУИ и за сите граѓани.
„Сончев и убав прекрасен ден, прекрасен ден и за ДУИ и за сите граѓани. Колку што ќе трае, толку“,
рече Груби.
Реорганизацијата на партијата почна откако во септември т.н. „огнена група“ побара реформи во ДУИ. По неколку средби на претседателот Али Ахмети со ограноците се одржа Централен совет на кој се избра новото претседателство.