Претседателот на СДСМ, Зоран Заев и на ДУИ, Али Ахмети пристигнаа во Клубот на пратеници, каде за 14 часот беше закажана лидерската средба. Ги придружуваат генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски и организацискиот секретар на ДУИ, Артан Груби.
Средбата е организирана според протоколите за заштита од ковид-19. Се мери температура и на политичарите и на новинарските екипи.
По средбата се најавени изјави на Заев и на Ахмети, кои треба да соопштат за исходот од преговорите.
Вчера и двете партии соопштија дека постигнат е сериозен напредок и дека на денешната средба меѓу Заев и Ахмети се очекува конечен договор за нова влада. Кажаа и оти се надеваат дека во наредните денови ќе продолжи и конститутивната седница за избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија.