Делницата Тетово-Гостивар ќе биде долга 17,5 километри, на автопатот ќе има по две коловозни ленти во еден правец, плус една лента за застанување. Очекувањата се кога ќе биде завршен, патот Тетово-Гостивар-Кичево-Охрид да може да се вози за еден и пол час

Камен-темелник за изградба на автопатот Тетово-Гостивар во должина од околу 18 километри беше поставен денеска, а се очекува, проектот вреден 90 милиони евра, да биде завршен за две години.
Проектот за изградба на автопатот Тетово-Гостивар, кој е дел од Коридорот 8, опфаќа и изградба на девет натпатници од кои осум се за поврзување на локалните патишта со новопроектираниот паралелен пат, еден натпатник е за новата клучка во Општина Боговиње и Општина Врапчиште, додека за реконструкција на клучката за излез од Тетово ќе се користи постоечкиот натпатник.
На поставувањето на камен-темелникот беа присутни премиерот Христина Мицкоски, вицепремиерите Александар Николоски и Изет Меџити, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, како и американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер и претставник на компанијата „Бехтел и Енка“ и одговорен за проектот Џош Бејкер.
Мицкоски во обраќањето рече дека почнува изградбата на еден од клучните инфраструктурни проекти, новиот автопат Тетово-Гостивар. Со автопатот, рече Мицкоски, земјата ќе има подобра поврзаност со Јадранското и Јонското Море, што е значајна алка за НАТО.
„Денеска се испраќа најсилниот одговор на сите скептици и на сите што со години зборуваа, а ништо не направија“,
рече Мицкоски.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски нагласи дека за две и пол години земјава ќе имаа пат по сите прописи и сите стандарди.
„Во јуни 2024 година кога беше формирана оваа Влада вкупно беа експроприрани 560 парцели на трите делници денеска во април 2025 година се експропирани 2 497 на трите делници. Тоа значи дека отвораме фронт за работа на делницата Гостивар – Тетово од 17,5 километри, Гостивар – Букојчани 14,7 и Прилеп-Битола 29 километри“,
рече Николоски.
Додаде дека според планираното активно ќе се работи на изградба на автопати во рамки на коридорите 8 и 10 во должина од 65 до 68 километри.
Випцепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити истакна како Влада на ваков начин градат иднина и создаваат подобри услови за сите граѓани.
„Коридорот 8 е повеќе од пат. Тоа е европска артерија која го поврзува срцето на Балканот. Со почетокот на изградба на овој пат го претвораме полошкиот регион во раскрсница на можности и инвестиции и го скратуваме патот Скопје – Охрид и Струга и се приближува границата кај Ќафасан“,
рече Меџити.
Тој на крајот даде, како што рече просто ветување, дека Владата ќе биде мерена по завршени километри, а не по потрошени зборови.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски појасни дека делницата Тетово – Гостивар ќе биде долга 17,5 километри и ќе чини 90 милиони евра.

Тој рече дека на автопатот ќе има по две коловозни ленти во еден правец, плус една лента за застанување.
Според него, договорот е потпишан во март 2023 година, а во јули 2024 година наследиле само две информативни табли и ништо повеќе, а сега, како што нагласи, веќе може да се види напредок.
„Со реализацијата на овој проект од Коридор 8, на патот Тетово-Гостивар-Кичево-Охрид се надеваме дека ќе може да се патува за еден и пол час“,
рече Трајановски.
Џош Бејкер рече дека ова е првата делница која е долга 17 километри.
„Нашето семејство на проектот сега брои персонал од околу 1 700 лица, а 52 проценти се од околните села и градови. Планираме летово да го достигнеме врвот од 2 600 лица. Го покануваме персоналот од сите профили да аплицира за работа кај нас. ‘Бехтел и Енка’ бара различни профили вклучувајќи и камионџии, управувачи на машини, армирачи, градежни инженери, референти за односи со заедницата“,
рече Бејкер.
Тој додаде дека во моментот имаат ангажирано 100 подизведувачи.
Оваа патна делница е дел од договорот со американско-турскиот конзорциум „бехтел и Енка“ што беше потпишан пред две години и за кој беше донесен посебен закон.