Поп Симонов ја почна својата музичка кариера во 1980-тите, како еден од основачите и гитарист на култната рок-група „Бастион“, а потоа и гитарист на рок-групата „Асторија“. Тој остави особено длабока трага во македонската музика во 1990-тите соработувајќи со речиси сите познати имиња од поп, рок, па и фолк-сцената во земјава и со изведувачи од регионот
На 63 години почина Тоше Поп Симонов, еден од најзначајните композитори, продуценти и аранжери во современата македонска музика.
Поп Симонов ја почна својата музичка кариера во 1980-тите, како еден од основачите и гитарист на култната рок-група „Бастион“, а потоа и гитарист на рок-групата „Асторија“. Тој остави особено длабока трага во македонската музика во 1990-тите соработувајќи со речиси сите познати имиња од поп, рок, па и фолк-сцената во земјава и со изведувачи од регионот. Меѓу другите, ги промовираше Ена Веко и „Студени нозе“, што беше негов продукциски проект.
Поп Симонов имаше соработки со Тоше Проески, „Мизар“, Владо Јаневски, „Меморија“, Дарио, „Силви бенд“, „Анастасија“, Дуле и Коки, „Куку леле“, Верица Пандиловска и многубројни други.
Неговите пријатели и соработници се простуваат од него со објави на социјалните мрежи.
Погребот ќе се одржи во вторник, на 22 април 2025 година, на градските гробишта во Бутел од 11:30 часот.